Турција ќе преземе мерки за обезбедување на границата со Сирија, изјави денеска турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, објави „Хуриет дејли њуз“.
„Ќе ги решиме безбедносните проблеми со нови операции“, рече Ердоган на 30-тиот состанок за консултации и оценка на владејачката Партија на правдата и развојот.
Турскиот претседател истакна дека Турција создаде услови за враќање на повеќе од 500.000 сириски бегалци во безбедносните зони поставени во претходните турски прекугранични операции.
Ердоган, исто така, рече дека Владата презела чекори за да ја претвори турската армија, која е „исчистена од ФЕТО“ (организацијата на исламскиот проповедник Фетула Ѓулен), во една од најмодерните армии во светот.
Турскиот претседател додаде дека во претходните операции во северна Сирија и северен Ирак, турската војска го избришала „коридорот на теророт што требало да се создаде“ долж јужните граници на земјата.