Претседателот на Турција Реџеп Таип Ердоган ја прими денес кинеската вакцина против коронавирусот Коронавак против ковид-19 за да им даде пример на граѓаните.

Турското претседателство објави снимка на која Ердоган со маска на лицето ја прима првата доза од вакцината во една болница во Анкара.

„Се надевам дека кампањата за вакцинирање ќе биде корисна и дека брзо ќе ги добиеме потребни 50 милиони дози вакцини“, кажа Ердоган и додаде дека некои негативно се изјаснуваат за вакцината изразувајќи надеж дека „разумот ќе превладее“.

Ердоган ги повика лидерите на различните политички партии да ја примат вакцината и да им дадат пример на граѓаните.

Турција го почна вакцинирањето против коронавирусот со кинеската вакцина Коронавак. Првите дози од вакцината им се наменети на медицинските работници.

Турција има 83 милиони жители и регистрираше 2,3 милиони заразени со вирусот, од кои над 23.000 луѓе умреа.