Ердоган во Истанбул побарал од Заев да има министер Турчин во македонската Влада, турските партии биле против да добијат министерство без ресор, јавува Телма.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на 5 јуни минатата година во Истанбул се сретна со тогашниот премиер Зоран Заев. Средбата беше затворена за медиумите, и не беа споделени информации за што конкретно зборувале двајцата лидери. На средбата освен Заев, присуствуваа и поранешниот министер за здравство Венко Филипче и поранешниот министер за дијаспора и советник на премиерот за надворешна политика, Едмонд Адеми.
Минатата недела пред гласањето на новата влада, турските медиуми во земјава објавија дека за министер се споменувало името на поранешниот претседател на Уставниот суд, Салих Мурат, за што Заев и Ковачевски се согласиле, но за овој предлог против биле коалиционите партнери на СДСМ, Турската демократска партија (ТДП) и Партијата за движење на Турците (ТХП).
Телма за ова прашање побара одговор од раководството на СДСМ, но оттаму не упатија да ги прашаме турските партии.
Пратеникот и претседател на Партијата за движење на Турците, Енес Ибрахим на Фејсбук објави дека висок претставник од партијата на Ердоган, побарал од него да го поддржи Салих Мурат да биде дел од македонската Влада.
„За време на мојата посета на Турција на 4 јуни 2021 година, висок претставник на АК Партијата побара Салих Мурат да добие функција во Владата и од мене побара да дадам поддршка за ова. За време на посетата на тогашниот премиер Зоран Заев на Истанбул (05.06.2021), претседателот на Република Турција Реџеп Таип Ердоган му рече на Заев дека сака да го види Салих Мурат како министер. Во новонастанатата ситуација која се појави по оставката на премиерот Зоран Заев, функцијата државен министер не ја донесовме ни на дневен ред како партија. Оти според нас министер без ресор 20 години им е даден на Турците за да ги замолчат. Предвиденото министерско место за Турците, без должност и овластување, само еден човек да зема висока плата, не им донесе никаква корист на Турците, а ние постојано се залажуваме. Наш приоритет во новата влада беше функцијата министер за култура. Затоа што во последниот изборен манифест тој се фокусираше на културните политики и ни беше важен министерот за култура да ги реализира нашите размислувања во оваа насока. Не успеавме. За жал, мора да се земе предвид сегашната парламентарна распределба. Партиите со најмалку 2 пратеници во овој период не можеа да добијат министерство. Патем, не е точно дека министерствата без ресор се укинати. Во новата влада има 4 министри без ресор.“ – напиша Ибрахим на Фејсбук.
Претседателот на Турската демократска партија (ТДП), Бејџан Иљас, во телефонски разговор за Телма вели дека при составувањето на новата влада било отворено прашањето Турците да добијат министер без ресор, но поради здравствената и економска криза во државата тие одлучиле да не се зголемува бројот на министерства без ресор, туку да учествуваат во други нивоа на извршната власт.
Поранешниот претседател на Уставниот суд, Салих Мурат, за Телма потврди дека му била понудена можност да биде министер во македонската влада, но за ставовите на турските партии кои се во владина коалиција со СДСМ не сакаше да коментира.
„Точно е, пред неколку месеци ми беше дадена понуда да учествувам во новата влада што ќе се формира со евентуална промена на власта. Исто така, на моите соговорници им пренесов дека во новата влада што треба да се формира, некои прашања за кои сметам дека се многу важни за нашите сонародници треба да бидат вклучени во владината програма и под услов тоа да биде позиција каде што ќе можам да дејствувам со јасни области на одговорност. Како што разбрав, должностите што ги извршував во минатото и нашето постоечко искуство ќе бидат од корист како за интегрирање на моите сонародници кои живеат во Македонија во нашето општество и за непосреден понатамошен развој на длабоките односи меѓу институциите и народите на Македонија и Турција. Кај моите соговорници со кои разговарав за ова прашање преовладуваше мислењето дека на најдобар начин ќе ја извршувам должноста министер. Темата на должноста на министерството стана јасна со преговорите што се водеа во текот на процесот, па дури и детално се разговараше кои должности можеме да ги преземеме во владата.“ – изјави Мурат.
Мурат додава дека македонските власти се запознаени со оваа тема.
„Историјата ќе докаже кој е во право, а кој не, колку и да сакаат некои политички партии да ги демантираат и да ги однесат на различни места.“ – додаде Салих Мурат.