Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган потврди дека претседателските и парламентарните избори во земјата ќе се одржат на 14 мај. „Нашите очекувања од вас, нашите млади луѓе, кои првпат ќе гласаат на претстојните избори, се да го видите светот и нашата земја на најдобар и најкоректен начин, со можностите што ви стојат на располагање“, рече Ердоган. додавајќи дека ова не се вонредни избори. Претседателските и парламентарните избори во Турција претходно беа закажани за 18 јуни. Доколку ниту еден претседателски кандидат не добие повеќе од 50 отсто од гласовите, вториот круг на гласање ќе се одржи на 28 мај.

Ердоган, кој е на власт од 2003 година, прво како премиер, а од 2014 година како претседател, планира повторно да се кандидира, а шестпартискиот опозициски сојуз допрва треба да номинира кандидат. Во 2018 година, 68 годишниот Ердоган воведе систем на управување со кој ја укина функцијата премиер и поголемиот дел од овластувањата ги концентрираше во рацете на претседателот. Пред тоа, претседателот имаше главно церемонијална функција. Според новиот систем, претседателските и парламентарните избори се одржуваат во ист ден. Опозицијата го обвинува Ердоган за економскиот пад на Турција и за ерозијата на граѓанските права и слободи, велејќи дека ревидираниот систем претставува „владеење на еден човек“.

Прикажи повеќе