ЛАЧ (АА) – Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, на церемонијата во албанскиот град Лач рече дека денеска предаваат 522 станбени единици во вредност од 42 милиони евра наменети за семејствата кои во земјотресот во 2019 година го загубија покривот над главата, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Радоста на Албанија е и наша радост, проблемот е и наш проблем. Вашиот мир и благосостојба не ги двоиме од нашите. Како жители на земја која порано повеќе пати доживеала иста болка, и нашите срца како и на албанскиот народ беа скршени поради земјотресот на 21 септември и 26 ноември 2019 година“, рече Ердоган.
Потсети дека турскиот народ и институциите штом дознале за земјотресот се вклучиле во пружањето помош.
„Како што мојот брат (премиерот на Албанија, заб. ав.) Еди Рама рече, ние сме браќа, а брат на брат му помага во тешки времиња. Со посредство на нашата амбасада, Канцеларијата за вонредни ситуации (AFAD), Црвената полумесечина (Kizilay), Агенцијата за соработка и координација (ТИКА), Министерството за здравство и Министерството за животна средина, помошта и техничките екипи ги упативме кон Албанија“, рече Ердоган.
Потсети дека биле во постојан контакт со Рама и внимателно ги следеле случувањата на терен.
„Кога е во прашање меѓународната сцена, учествуваме во иницијативите и Организацијата за исламска соработка да ѝ пружи помош на Албанија. Тоа што Турција беше прва земја која истрча да ѝ помогне по земјотресот е доказ за силната солидарност помеѓу нас“, рече Ердоган.
Тој додаде дека покрај помошта на терен, сакале да ја олеснат состојбата во која се најде албанскиот народ, па така е донесена одлуката за изградба на нови станбени единици.
Потребните договори се потпишани во јули 2020 година, а поради пандемијата со коронавирусот, изградбата започна во декември.
Тој потсети дека пред 13 месеци онлајн присуствувал на церемонијата за поставување темел на овие станбени единици.
„Денеска ви ги предаваме овие домови, кои се состојат од вкупно 522 единици, во вредност од околу 42 милиони евра“, рече Ердоган.
Истакна дека Турција го одржала својот збор кон Албанија иако самата била изложена на земјотреси, поплави и пожари.
Според неговите зборови, показател на братството не е само да се дојде кога ќе се побара помош, туку и да се биде таму кога е потребно тоа.
„Се надеваме дека ова пријателство помеѓу Турција и Албанија што го изградивме ќе биде вечно“, рече Ердоган.
Тој истакна дека една од најважните цивилизациски карактеристики во добри и лоши времиња е да се биде со браќата.
„Кога за време на пандемијата со коронавирусот тие големи земји се затвораа во себе, додека го игнорираа тоа што се случува вон нивните граници, ние ниту еднаш не ги одвоивме оние на кои им беше тешко, туку им истрчавме на помош. Верувајќи дека со делење се зголемува благосостојбата, на нашите пријатели им пруживме помош и во борбата против пандемијата и ги поделивме можностите што ги имавме“, рече Ердоган.
Тој додаде дека болницата во Фиер, во Албанија, чија изградба е завршена минатата година во април и тоа за 68 дена, е пример за убавата солидарност. Потсети дека на церемонијата присуствувал преку видеолинк, а институцијата го добила името „Болница на турско-албанското пријателство“.
Истакна дека во оваа болница работат турски и албански медицински работници кои продолжуваат да пружаат помош на оние на кои им е потребна.
„Со отворањето на овие станбени единици наменети за семејствата кои останаа без кров над главата во земјотресот, сега го крунисуваме пријателството меѓу Турција и Албанија“, рече Ердоган.
Тој упати молитви нешто слично никогаш да не се случи.
„Не можеме да ги вратиме мртвите, но можеме да преземеме чекори што ќе ги олеснат животите на оние кои останаа. Се надеваме дека 522-те семејства во овие станбени единици што ги изградивме ќе живеат во мир и секое добро“, рече Ердоган.
Ердоган и Рама пред церемонијата направија обиколка на становите наменети за семејствата чии домови се срушени во земјотресот.
Пред обраќањето, прикажано е видео за процесот на изградба на становите, а на церемонијата им се врачени и клучевите на неколку семејства.
На Ердоган му е врачен сертификат за почесен граѓанин на Лач и благодарница.
Министерот за животна средина, урбанизам и климатски промени на Република Турција, Мурат Курум, на церемонијата кажа дека двете земји отсекогаш ги врзувале братски врски, а дека секој ден ова пријателство е сè поцврсто.
„Поради овие длабоки врски, во добрите денови делевме среќа, а во лошите тага. Пред две години, по инструкција на нашиот претседател, веднаш по земјотресот Турција им пружи помош на албанските браќа. Како што заедно делувавме по земјотресот во Елазиг, Малатија и Измир, поплавите во Гиресун и Орду, пожарите во Анталија и Мугла, така бевме обединети и за градот Лач во Албанија“, рече Курум.
Тој додаде дека Турција, како и претходно, ќе продолжи да биде покрај браќата во Албанија, во секој поглед.