Крим треба да и биде вратен на Украина, изјави претседателот на Турција, Реџеп Тајип Ердоган во видеопораката испратена до учесниците на Втората средба на иницијативата „Кримска платформа“.
– Ние не ја признаваме анексија од Русија. Тоа е принципиелен став, кој има не само правна, туку и морална основа. Враќањето на Крим на Украина е исто така услов на меѓународното право. Заштитата на територијалниот интегритет, суверенитет и политичкото единство Украина е од клучно значење не само за регионалната, туку и за глобалната безбедност и стабилност, истакна Ердоган.
Тој, на виртуелната средба на светски лидери, чиј домаќин беше украинскиот претседател Володимир Зеленски, се осврна на гаранциите за безбедноста и благосостојбата на кримските Татари.
– Кримските Татари се еден од домородните народи на Крим. Тие страдаа од настаните. Обезбедувањето на нивната безбедност и благосостојба е меѓу приоритетите на Турција. Во овој поглед, сакам да потсетам дека Турција очекува да бидат ослободени и што е можно поскоро и да се вратат кај семејствата заменик-претседателот на Националното собрание Нариман Џелал и неговите соборци, кои беа приведени поради нивното учество на првиот Самит на Кримската платформа, посочи Ердоган.
Тој додаде дека Турција ќе продолжи да биде на страната на украинската Влада и кримските Татари, како и оти ќе продолжи да прави напори за решавање на украинската криза.