Насилството меѓу Хамас и Израел на Блискиот Исток продолжува. Kритичарите велат, Ердоган ја користи ескалацијата за да се инсценира како исламски лидер и да собере внатрешнополитички поени
Додека многу шефови на држави и влади настапуваат што е можно подипломатски во однос на ескалацијата во Израел и ги повикуваат двете страни на деескалација, турскиот претседател зазеде јасен став – како и често во поблиското минато, Реџеп Таип Ердоган го означи Израел за „терористичка држава“ и „неморална“. Секојдневно тој упатува нови стрели кон израелската држава и нејзините сојузници, сега и на сметка на Австрија, зашто во Виена на владината зграда се вее израелско знаме. „Ја проколнувам австриската држава“, рече Ердоган.
Тоа што турскиот претседател ја симпатизира радикално исламистичката терористичка организација Хамас и одржува тесни контакти со неа, не е ништо ново. Но, во турската јавност во последно време се ширеше впечаток како Анкара да зема курс на приближување кон Израел. Зашто, без оглед на безбројните вербални испади кои Ердоган редовно си ги дозволува кон Израел, во последно време се одржуваа зачестени разговори. Подем има и во трговијата, во последните години извозот на Турција во Израел континуирано растеше.
Крај на приближувањето
И Синан Улген, раководител на Центарот за економија и надворешнополитички студии во Истанбул (ЕДАМ) констатира дека во последно време знаците укажуваа на помирување, дека Анкара се трудеше да ги нормализира односите со Израел. „Ескалацијата и тензиите во Источен Ерусалим за Турција дојдоа во најнеповолен момент“, вели Улген.
Многумина набљудувачи, меѓу кои и Улген, сметаа дури дека Анкара се трудеше да биде посредувач меѓу Израел и Палестинците, зашто одржуваше редовни разговори не само со Кнесетот, туку и со палестинското водство. Во септември 2020 на пример се сретнаа претставници на двете водечки палестински организации, Хамас и Фатах, за со посредство на турската влада да го окончаат 15-годишниот спор меѓу двете организации.
Анкара посакува лидерска улога во исламскиот свет
„Активно посредување меѓу Хамас и Израел и воспоставување дијалог меѓу нив ќе беше иницијатива со голема дополнителна вредност за Турција“, заклучува Улген. Но, откако сега Ердоган започна анти израелска кампања, тешко е да се продолжи овој процес. „Во овие околности, кога тензиите се на највисоко ниво, се чини секако невозможно започнување нови мировни преговори меѓу Израел и Палестинците“, смета Овтун Орхан од Центарот за Блискоисточни студии. „Моментно, при сегашните тензии, е неможно да се заземе неутрална позиција.“
Во актуелната ситуација Анкара е многу далеку од посредувачка улога. Турската влада се чини си одбра сосема поинаква улога: министерот за надворешни работи Мевлут Чавушоглу со говор се обрати до Организацијата за исламска соработка (ОИЦ), на која припаѓаат 56 муслимански земји, и ја подвлече примерната функција на Турција. „Исламската заедница очекува водство од нас“. Се мисли на поконсеквентен пристап против израелската влада, која според турскиот министер за надворешни работи продолжува да врши „етнички, верски и културолошки чистења“.
Турскиот надворешнополитички аналитичар Ајдин Сезер не е изненаден што исламско-конзеративната турска владејачка партија АКП претпочита да дотура масло во огнот. Ердоган постојано се труди да ја задоволи исламската база на својата партија. „Владата мораше (во овој конфликт) вака да реагира, првенствено од внатрешнополитички причини“. Нормализацијата на односите со Израел кај базата на АКП не е добро примена, вели Сезер.
Анкара е изолирана на надворешен план
Турскиот претседател посегаше често кон религиска и национаистичка реторика за да ја мобилизира својата гласачка база. Анкетите покажуваат дека Ердоган и неговата АКП во последно време губат симпатии кај народот. Опозицијата и критичарите му префрлаат дека со остра реторика и поларизација сака да го одвлече вниманието од проблемите како неуспешниот менаџмент во пандемијата на коронавирус и долготрајната економска криза.
Иако исламската реторика на турската влада ѝ се допаѓа на гласачката база на АКП, се поставува прашање дали муслиманскиот свет воопшто сака турско лидерство. Зашто, не се оптоворани само билатералните односи со Израел, туку Турција моментно е изолирана во целиот Блиски Исток. И арапските земји како Египет и Саудиска Арабија ѝ свртија грб на Турција.