Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган денеска ја повика Европската унија (ЕУ) да отвори „пристапни преговори“ со Анкара, еден ден пред одржувањето на европскиот состанок во Брисел посветен на руската инвазија врз Украина.
– Очекуваме ЕУ брзо да ги отвори поглавјата од пристапните преговори и да ги почне преговорите за царинската унија, без бесрамни калкулации, истакна Ердоган по средбата со холандскиот премиер Марк Руте во Анкара.
Изјавите на турскиот претседател доаѓаат во момент кога војната во Украина и овозможи на Анкара да се врати на меѓународната сцена благодарение на нејзините напори во посредувањето.
Преговорите за можно членство на Турција во ЕУ, кои започнаа во 2005 година, беа во застој во изминативе години поради зголемените тензии со Брисел околу голем број прашања.
Кон крајот на 2020 година, Европската комисија оцени дека изгледите за членство на Анкара се „во застој“ бидејќи нејзините лидери донеле одлуки спротивни на интересите на ЕУ.
– Турција продолжи да се дистанцира од ЕУ со сериозно назадување во областа на владеењето на правото и основните права, изрази жалење Комисијата во нејзиниот жесток извештај.
Врските меѓу Брисел и Анкара се заострија по неуспешниот обид за пуч во јули 2016 година и прогонот на опозицијата и медиумите што се случи подоцна.
Претседателите на држави и влади на ЕУ ќе се состанат утре во Брисел на дводневен самит посветен на отстранување на последиците од руската инвазија врз Украина.
В четврток во Брисел треба да се одржи и вонреден самит на НАТО.
Ердоган во период од девет дена прими четворица лидери на земји од ЕУ и НАТО.
Турција, која е сојузник на Киев и членка на НАТО, посредува меѓу Москва и Киев од почетокот на кризата во Украина, но не се согласува со западните санкции кон Русија.