Во документите за починатиот сексуален престапник Џефри Епстин, кои неодамна ги објави американското Министерство за правда, се споменува и Србија. Имено, Епстин бил заинтересиран за купување на една од најстарите вили во Њујорк, сместена на Петтата авенија – зградата на поранешна СФРЈ, позната како „Титовата вила“, пишува „Блиц“.
Овој архитектонски бисер се појавува во преписката што Епстин ја водел на 10 декември 2018 година. Меѓу документите има и електронска порака испратена до Епстин со 26 фотографии од вилата, план на просториите и извадок од текст објавен во „Њујорк пост“ во 2017 година, со наслов: „За 50 милиони долари можете да станете сопственик на последната вила од златното доба на Менхетен“.
Утрото на 10 декември 2018 година, Епстин примил е-пошта од Дејвид Мичел, долгогодишен инвеститор и финансиски експерт.
„Голем пожар во зградата што ја разгледувавме, Мисијата на Србија на Петтата авенија 854. Можеби сега е добро време за понуда, ако сте заинтересирани“, стои во пораката.
Според објавените документи, комуникацијата продолжила преку СМС-пораки. Епстин на двајца соговорници, чии имиња се затемнети, им испратил линк до текст од „Њујорк пост“ за пожарот во вилата во сопственост на Мисијата на Србија.
„Амбасадата на Србија?“, прашал Епстин, на што добил одговор: „Мојата мисија јави.“
„Можеби цената сега ќе биде пореална“, напишал Епстин.
„Значително пореална“, добил одговор, со напомена: „Но треба да се пресметаат и трошоците за обнова.“
Вилата на крајот била продадена, но дури четири години подоцна – во 2022 година.
„Новиот сопственик купи значаен дел од историјата на Њујорк“, изјавил тогаш Тристан Харпер, агент на компанијата „Даглас Елиман“, која ја реализирала продажбата.
Харпер додал дека претседателот на поранешна СФРЈ, Јосип Броз Тито, „иако комунист, имал многу добар вкус за недвижности“. Според агентот, вилата првпат била понудена на продажба во 2017 година. Во јуни 2021 година било објавено дека е примена готовинска понуда од 50 милиони долари и дека државите-наследнички постигнале согласност за продажба.
Врз основа на Договорот за прашањата на сукцесијата, на Србија ѝ припаднале нешто помалку од 40 проценти од износот добиен од продажбата на зградата на постојаната мисија во Њујорк.
Според претходно објавениот оглас за продажба, вилата се простира на четири ката и има уште два кровни ката, вкупно 18 соби, шест бањи и вински подрум. Станува збор за првата зграда со два електрични лифта, кои и денес се во функција. Во неа е зачуван оригиналниот ентериер, а од 1969 година е под заштита на државата и градот Њујорк.
Наводно, за време на Студената војна, кога таму престојувал и Тито, на врвот постоела просторија што не можела да се прислушува, а прозорците кон Петтата авенија биле непробојни. Зградата, која со децении главно била недопрена, во моментот на продажбата немала централна климатизација, а гасот бил исклучен по пожарот.
Текстот Епстин бил заинтересиран да ја купи „Титовата вила“ во Њујорк е превземен од МАКФАКС.






















