Владиката Давид ги предупреди пратениците, доколку гласаат за законот за родова еднаквост, црквата може да ги исклучи од црковната заедница. На пратениците кои ќе кренат рака за, може да се забрани да склучуваат црковни бракови, кршевки, погреби и да бидат лишени од свештенодејствијата. Скопскиот епископ Давид на својот блог јавно ги предупреди парламентарците. Вели свесен е дека државата е секуларна и црквата не носи закони во парламентот, но потенцира дека црквата има свои правила внатре за кои може да одлучува, јавува Сител.

Доколку се декларираат како христијани, тие пратеници би биле лишени од крштевки, венчавки, погреби и сите други богослужби, кои го сочинуваат свештенотаинскиот живот на црквата, барем до мигот кога јавно ќе се преумат. На тој начин, не само поединци, туку сите заедно како општество, хармонично, еманципирано и без анархија, во мир и целосно меѓусебно почитување, ќе можеме да ги уживаме благодетите, кои ги нуди секуларното општествено уредување“ пишува владиката.

Тој оценува дека законското решение е израз на најнов вид анархија, продуцирана директно од државата бидејќи таа не го слуша гласот на народот. Потенцира дека црквата нема ништо против правото на избор, но смета дека  насила не смее да се наметнува стилот на живеење на некоја минорна група.

„Истовремено, црквата одлучно смета дека тие луѓе не смее да бидат подложени на дискриминација или на казни! Од друга страна, пак, не е возможно да биде дозволен еден специфичен вид на „апартхејд“, поточно едно издвојување на било каква минорна трансродова група, која на тоталитаристички начин ќе му го наметнува својот стил на постоење на севкупното општество. А, новиот предлог закон за родова еднаквост го има токму трансхуманизмот како своја појдовна точка: се искоренува досегашниот модел на човек со сето негово достоинство и историја, и, се воведува нов модел на човек, кој лебди на површноста од своето постоење “

Официјално црквата  нема донесено ваква одлука вели портпаролот на МПЦ ОА , кој вели секој може да изнесе свој личен став. Владиката Тимотеј, сепак не ја исклучува можноста да биде донесена ваква одлука, доколу за тоа одлучи Синодот.

Инаку, епископот Давид е еден од четворицата владици кои од ПОА преминаа во МПЦ со одлука на Синодот кои ги прифати во своја канонска јурисдикција  и ги назначи за епаргиски управители.