Стапката на репродукција на вирусот надмина еден во седум белгиски провинции, што е знак дека епидемијата повторно се интензивира во земјата, јави дописничката на МИА од Брисел.

Стапката на репродукција на вирусот (Р) се зголемува над еден и достигнува 1,3 во одредени делови од Белгија, соопшти денеска Институтот за јавно здравје на земјата.

Помеѓу 8 и 14 декември оваа стапка беше 0,97, односно беше релативно под контрола. Со зголемувањето на оваа стапка, земјата повторно влегува во ризичен период.

Од 18 декември во Белгија стапуваат на сила нови правила за лицата кои се враќаат или доаѓаат од црвени зони: задолжителен карантин со полициски контроли и задолжителен тест после седум дена.

Во наредните денови властите ќе се изјаснат околу тоа дали ќе има нови рестриктивни мерки, откако пред неколку дена повторно се отворија продавниците и училиштата. (МИА)