Анџело Ѓорѓиевски и Клементина Левковска добија по 18, а Андреј Костовски 16 години затвор за убиството на хрватскиот ракометар Денис Тот. Тие денеска беа прогласени за виновни за убиство од страна на Судечкиот совет при Основниот кривичен суд во Скопје.
Дваесет и седумгодишниот Тот, кој настапуваше за македонскиот суперлигаш Бутел, почина на 8 април годинава откако бил претепан пред ноќен клуб во Градски парк. Ден подоцна, Обвинителството објави дека за неговото убиство се осомничени Анџело Ѓорѓиевски (28), Клементина Левковска (19) и Андреј Костовски (22), кои по кратка вербална расправија го нападнале Тот и му задале повеќе удари со боксови и клоци. Тот притоа паднал и со задниот дел од главата удрил во асфалт и изгубил свест. Тројцата продолжиле да го удираат по главата и потоа, без да му укажат помош, заминале од местото на настанот.
Во текот на доказната постапка, обвинетите изјавија дека не се чувствуваат виновни, додека одбраната бараше преквалификација на делото, сметајќи немало умисла.