Поради пандемијата на ковид-19, учениците од трето одделение нагоре останаа дома, на онлајн-настава. Колку и да мислиме дека сето тоа е во ред, психолозите предупредуваат дека новото „нормално“, воопшто не е нормално и има сериозно негативно влијание врз менталното здравје на децата.

Изминатава година ковид-пандемијата е главна тема која нè оптоварува сите. Не само со стравот да не се заразиме или да не изгубиме некој близок, туку и со промена на сите навики и однесувања за кои до пред неa знаевме. Живееме во време кога мора да сме дистанцирани на најмалку два метри, не само од непознатите, туку и од најблиските, кои не живеат во нашиот дом. Често има случаи каде во едно исто семејство ако родителот работи ризична работа (изложеност на ковид) да не смее да си ги прегрне своите деца. Но, она кое најмногу ги засега сите е образованието на децата.

Училишните клупи останаа празни, а домот стана место каде што децата се образуваат онлајн. Ова, колку ѝ да изгледа наивно, сепак, според нашата соговорничка доцент доктор Емилија Бошковска, психолог, психотерапевт, може многу сериозно да влијае на менталното здравје кај децата.

– Иако првенствено е место за образование, училиштето е и центар на социјалниот живот на децата, каде што тие се поврзуваат со своите врсници, се дружат и се изразуваат. Со тоа што училиштата добија виртуелен облик, тинејџерите може да се чувствуваат осамено, немотивирано или обесхрабрено, без редовна социјална интеракција. Онлајн-учењето влијае на сите, на учениците, студентите, наставниците, професорите и секако родителите. Онлајн-наставата може да влоши веќе постоечки нарушувања на менталното здравје или да предизвика нови промени и расположение. Поминувањето значителен дел од денот на интернет ги заморува учениците и наставниците. Еден ден полн со видеоинтеракции е психички исцрпувачки, бидејќи нашиот мозок е изложен на поинаква обработка на информации, а резултат на тоа е ментален замор. Кога ова е во комбинација со постојаната самосвесност дека сте пред камера и ве гледаат, нивото на стрес лесно може да почне да се зголемува – вели таа.

Главна вест изминатава година е пандемијата. Децата, особено оние повозрасните, се изложени на тоа, слушаат, разбираат… Колку и на кој начин тие можат тоа соодветно да го испроцесираат?

– За една година на сите драматично ни се промени секојдневието, приоритетите и навиките и доведе до повисоко ниво на стрес. Како што продолжува здравствената криза, сето тоа е надополнето со страв за безбедноста, стабилноста и страв од непознатото. Тоа што децата не успеваат самостојно да го разберат, го „собираат“ од невербалната комуникација на возрасните, а тоа најчесто е страв и загриженост за некој болен. Високото ниво на несигурност влијае на адолесцентите поинаку отколку на возрасните. Физичкото дистанцирање и неможноста да поминат доволно време со пријателите, негативно влијаат на нивниот социјален развој и предизвикуваат психолошки проблеми како загриженост, тага и страв. Покрај тоа, често се појавуваат и лутина и пркос кон сè што се случува и обид да се даде смисла на нешто што ги спречува да живеат со полни гради, па младите одбиваат да ги следат препораките, се собираат и покрај забраните и со тоа се обидуваат да си ја повратат контролата врз сопствениот живот.

Дали и кај децата може да се јават (или можеби сте имале вие случаи) панични напади од страв од болеста и што можат да направат родителите во таков случај?

– Фактот дека бројот на деца и адолесценти што доживуваат панични напади е зголемен во последната година, укажува на индиректна поврзаност со ковид-19. Како што е случај со повеќето состојби на ментално здравје, може да има голем број фактори кои можат да ја зголемат веројатноста детето да доживее напади на паника. Тие се ненадејни и неочекувани епизоди на силна вознемиреност, кои може да немаат очигледни предизвикувачи и може да се случат кога најмалку очекувате. Можат да бидат крајно застрашувачки, особено кога станува збор за дете, бидејќи се придружени со физички симптоми, како: чувство на слабост, вртоглавица, чувство на гадење, непријатност во стомакот, болки во градите и отежнато дишење, срцеви палпитации, хипервентилација и сл. Во таква ситуација родителите треба да останат смирени за да можат да разговараат со детето со смирувачки глас и да го научат да го забави дишењето, што ќе ги намали физичките симптоми на паничниот напад и тој побрзо ќе помине. Детето треба да дише преку нос три секунди, да го задржи здивот две секунди, пред да издише целосно. Родителот може да го насочи детето да размислува за ситуација или место во кое се чувствува безбедно и пријатно и да развие „среќно место“ каде што ќе може да „оди“ секогаш кога ќе почувствува паника. Ако детето има почести напади на паника, најдобро е да се побара стручна помош. Психологот ќе го поттикне детето да ги идентификува причините за неговата паника и ќе му помогне во секој чекор кон надминување на нападите на паника.

Носење маска, забрането прегрнување и бакнување се само дел од работите кои ни станаа „новото нормално“. Колку е ова всушност навистина нормално?

– Лично ми пречи кога нешто толку неприродно го квалификуваме како нормално. Сите тие забрани за каков било допир не се нормални и се само мерка на заштита во моментов. Затоа тоа не смее да стане ново нормално. Луѓето се дизајнирани да допираат и да бидат допрени. Целиот наш концепт за себе е вкоренет во допирот, уште пред раѓање, кога амнионската течност во матката се врти околу нас, феталниот нервен систем може да го разликува нашето сопствено тело од мајчиното токму преку тој допир. Една од базичните егзистенцијални потреби на децата е потребата за блискост и допир, а доказ за тоа е фактот што бебиња во домови умираат само затоа што не се гушкани и им недостасуваат допир и блискост. Допирот е модулатор кој може да ги смири физичките и емоционалните ефекти на стресот. Во период кога сме изложени на силен стрес – заканувачка болест, губење на работа или тагување поради загуба на близок, допирот и контактот со другите ни помага подобро да се справиме.

Може ли родителот без стручна помош, да процени дека со детето нешто се случува и дека тоа е резултат на целата ситуација во која живееме?

– Родителите најдобро си ги познаваат децата и секако дека може да ги детектираат и најсуптилните промени, сè што е потребно е да одвојат време да бидат физички и психички присутни за нив.

Што можат да преземат родителите и како да реагираат за да им го олеснат овој период на децата?

– Она што возрасните можат да го направат е да обезбедат стабилност и поддршка на децата и младите со тоа што ќе одржуваат нормална рутина и структура на денот, помалку да зборуваат, а повеќе да слушаат во разговорите, притоа охрабрувајќи ги децата да се изразуваат.

Иако некако полека се одвиваат работите, сите се надеваме дека каде и да е, ќе се нормализираат нештата. Колку, според вас, ќе им биде потребно на децата да се вратат во нормала, откако ќе стивне пандемијата?

– Штом се нормализира ситуацијата, брзо ќе се прилагодиме сите. Тоа не значи дека ќе нема последици. Ќе има и разлики во справувањето меѓу луѓето, а ќе има и период на адаптација, но човекот е еволутивно суштество и брзо се прилагодува, а децата уште побрзо.

Кога е потребно родителот да побара стручна помош од психолог, кога зборуваме на тема ковид-19 и влијание на менталното здравје кај децата?

– Никој не е имун на стресот што доаѓа со пандемијата и изолацијата која ја следи. Родителите треба да обрнат посебно внимание на какви било промени во однесувањето што можат да укажат на потребата на детето од професионална помош. Ако се појават промени во однесувањето и траат повеќе од две недели, препорачливо е да се побара помош од психолог. Симптоми кои може да укажуваат на депресија кај дете или тинејџер, а за кои е пожелно да се побара стручна помош се: слаби постигнувања во училиште, тага или безнадежност, раздразливост, лутина или непријателство, често плачење, повлекување од пријателите и семејството, губење интерес за активности, недостаток на ентузијазам или мотивација, промени во начинот на јадење или спиење, немир и вознемиреност.

Како што е случај со повеќето состојби на ментално здравје, може да има голем број фактори кои можат да ја зголемат веројатноста детето да доживее напади на паника. Тие се ненадејни и неочекувани епизоди на силна вознемиреност, кои може да немаат очигледни предизвикувачи и може да се случат кога најмалку очекувате. Можат да бидат крајно застрашувачки особено кога станува збор за дете, бидејќи се придружени со физички симптоми, како: чувство на слабост, вртоглавица, чувство на гадење, непријатност во стомакот, болки во градите и отежнато дишење, срцеви палпитации, хипервентилација и сл.