Европската агенција за лекови (ЕМА) денеска соопшти дека треба да се почитува временскиот интервал од максимум 42 дена помеѓу администрацијата на првата и втората доза на вакцина против коронавирус, изработена од „Фајзер” и „Бионтек”, со цел заштитата да биде целосна.
Агенцијата наведува дека доказите за ефикасноста на вакцината се темелат на студија, во која вакцината се давала во интервали од 19 до 42 дена и посочува дека целосна заштита се јавува само седум дена по давањето на втората доза.
„Секоја промена на ова би барала варијација на одобрението за ставање во промет, како и повеќе клинички податоци за поддршка на таквата промена, во спротивно тоа би се сметало за„ неодобрена употреба”, соопшти ЕМА.
Ознаката „неодобрена употреба” повлекува помалку одговорност за производителите на вакцини.
Бионтек и Фајзер претходно денеска предупредија дека немаат докази дека нивната вакцина ќе продолжи да штити од коронавирус ако се даде втора доза подоцна од тестираното време на испитувањето.
Двете компании истакнаа дека првата и втората доза се даваат во интервал од три недели.
Претходно денеска, германското Министерство за здравство побара совет дали може да се одложи втората доза на вакцина против коронавирусот на компаниите Фајзер и Бионтек, со цел што е можно повеќе луѓе да ја примат првата доза, а досега вакцинирани се 239.000 граѓани.
Ивор: МИА