Сопругата на претседателот Стево Пендаровски, Елизабета Ѓоргиевска, која престојуваше во Њујорк и го придружуваше при неговото учество на 78. сесија на Генералното собрание на Обединетите нации, остварила повеќе средби и активности, соопшти Кабинетот на Претседателот.
-Ѓоргиевска оствари средба со Диен Кеита, помошник генерален секретар и заменик извршен директор при Фондот за население на ОН (УНПФА) на која разменија мислења и информации за претстојната конференција на високо ниво, насловена „Моќта на изборот: Телесна автономија кај жени и девојки“, чиј домаќин ќе биде г-ѓа Ѓоргиевска, во соработка со УНФПА, а ќе се одржи под покровителство на претседателот, во октомври оваа година. Соговорничките се согласија дека темата на конференцијата „Моќта на изборот” е од огромно значење – правото на жените и девојките да имаат контрола над своите тела, здравје и репродуктивни права. Кеита го поздрави ангажманот на Ѓоргиевска за прашањата на кои работи УНФПА, ставајќи ја Северна Македонија високо на мапата на земји кои се активни по ова прашање, се наведува во соопштението.
Сопругата на претседателот, информира Кабинетот, учествуваше и на иницијативата за елиминирање на насилството врз жените и девојките во рамки на Самитот за целите за одржлив развој, каде истакна дека „мора да се стави крај на насилството врз жените, со кое на милиони жени и девојки практично им се негираат основните човекови права и можноста активно да придонесуваат во општеството и заедницата“.
-Глобално, една од три жени е жртва на насилство, а во проценките на иницијативата, до 2025 година, дневно животите на најмалку две жени и девојки би биле спасени. Ваквите негативни трендови не изостануваат ни во Република Северна Македонија и затоа е потребно многу повеќе работа и видливи резултати, посочила Ѓоргиевска.
Таа присуствувала и на приемот организиран од страна на првата дама на САД, Џил Бајден, каде остварила кратка средба со Џил Бајден, при што ја информирала за активностите на кои работи во соработка со УНИЦЕФ и други партнери, посветени на менталното здравје кај младите и потребата од поголема грижа и системски решенија од надлежните чинители во одржувањето на менталното здравје кај младите.
-Сопругата на претседателот имаше и кратка средба со првата дама на Украина, Олена Зеленска, на која разговараа за неодамна одржаниот Самит за ментално здравје во Киев, од кој беше дел и г-ѓа Ѓоргиевска, а исто така и ја реафирмираше поддршката за заложбите на сопругата на украинскиот претседател, во контекст на заштитата на децата и нивните права. Дополнително, за време на престојот во Њујорк, Ѓоргиевска, одржа и две предавањa за студентите на постдипломски студии при Универзитетот „Колумбија“ на Колеџот за дентална медицина, информира Кабинетот на Пендаровски.