Франција е подготвена да учествува во операцијата за деблокирање на пристаништето Одеса на југот на Украина, со цел да се овозможи извоз на жито во земјите кои имаат потреба, соопшти денеска Елисејската палата.
Според француската онлајн телевизија BFMTV, неименуван советник на француското претседателство изјавил дека Франција е на располагање за „операција што ќе овозможи пристап до пристаништето во Одеса на безбеден начин, односно пристап до бродови и покрај фактот што има мини во морето.“
Советникот додаде дека Франција сака Украина да излезе како победник од конфликтот со Русија.
– Како што претседателот Макрон кажа претходно, сакаме Украина да победи. Сакаме територијалниот интегритет на Украина повторно да се воспостави. Сакаме овој конфликт, оваа војна меѓу Русија и Украина, да заврши што е можно побрзо, рече советникот на Макрон.
Русија воведе блокада на украинските пристаништа во Црното Море, особено на пристаништето Одеса, додека украинските власти сакаат да извезат околу 20 милиони тони жито складирано во силосите во земјата.