Првичната оценка на експертите и бизнисмените за петтиот пакет економски мерки е позитива. Но реализацијата и ефектот кои ќе го дадат мерките допрва ќе се анализираат. Од Институтот за економски анализи , Finance Think сметаат дека петтиот пакет е комбинација од мерки кои ги амортизираат загубите и го стимулираат економското закрепнување на компаниите. Субвенционираните плати и отписот на каматите според експертите се мерки кои ќе помогнат на граѓаните кои најмногу се погодени од кризата.
„Finance Think смета дека исклучивоста помеѓу мерките „субвенции за плати од 14.500 МКД по работник“ и „бескаматни кредити за најпогодените сектори“ е соодветна. Но, укажува дека двете мерки не се неопходно целосно заменливи. Бескаматните кредити се однесуваат повеќе на фазата на закрепнување, фаза во која сѐ уште не се наоѓаат значаен дел од компаниите“, велат од „Finance Think“.
– Advertisement –
Од Стопанската комора пак, се задоволни што Петтиот пакет предвидува и мерки кои директно ќе влијаат на подобрување на конкурентноста на домашните компании и зголемување на извозот. Во однос на мерката за плати, од ова бизнис здружение сметаат дека добро е што работодавачот сам одлучува дали ќе ја користи таа или ќе аплицира за мерката за бескаматни кредити.
„Она што изостана, а се бараше е дејноста туризам и угостителство да има можност на поддршка на инвестициските активности во услови на криза до 25% од инвестицијата што не беше овозможено со законското решение предложено во третиот пакет мерки од 2020 година. Сметаме дека постојат деловни субјекти од овој сектор кој во услови на светската пандемија имаа инвестициски активности и работа на зголемување на вредноста на своите објекти со цел подигнување на квалитетот на услугата по завршување на Ковид-19 кризата“, велат од Стопанската комора.
Петтиот пакет мерки тежи 160 милиони евра кои треба да се распределат кај граѓаните и компаниите преку 29 мерки. Владата е на став дека со оваа помош стопанството годинава ќе бележи раст и развој, со што економијата ќе заздрави и ќе испорача позитива од четири до пет отсто на БДП. Властите најавија дека со овие мерки завршува помошта на вработените од приватниот сектор за исплата на плати.
Иле Петревски