Ништо не ја спречува државата да се одлучи за целосно затворање на социјалната платформа „Тик-Ток“, која според експертите има содржини кои поттикнуваат насилство и опасни игри кои можат да доведат до смрт. Ако надлежните сериозно ја сфатат иницијативата, има повеќе од еден начин тоа да се направи. Првата е преку интернет провајдерите, втората преку Агенцијата за радиодифузија, пишува Алсат.

„Ова може да се случи на два начина, првиот е забраната преку добавувачите, на пример ги имаме Телеком, А1 и некои други, преку нив владата може да направи договор или соработка за стопирање на пристапот до која било социјална мрежа. Вториот начин е кога самата држава може да блокира одредени платформи на државно ниво, во овој случај Тик-Ток, ова не бара соработка со различни добавувачи, туку самата држава може да создаде блокирање на одредена адреса“, вели Локман Муслиу, експерт во областа.

Муслиу, додава дека државата треба да биде внимателна во постапувањето бидејќи има начини за пристап до оваа платформа и по целосно исклучување – преку промена на виртуелната интернет адреса како и преку прокси, односно посреднички сервери.

Дел од надлежните институции деновиве изјавија дека на земјава и е потребна зголемена контрола во образовните институции, обука на службите кои се грижат за менталното здравје на децата и регулирање на некои социјални платформи кои промовираат насилство. Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска изјави дека и семејството има клучна улога во овој поглед.

Ниту функционерите во земјава очигледно не ја избегнаа „зависноста“ од оваа социјална мрежа и покрај јавните изјави за штетата на оваа платформа. На пример, вицепремиерот Артан Груби и министерот за надворешни работи Бујар Османи имаат многу активни профили на оваа социјална мрежа. Иако помалку активни, дел од „Тик-ток“ се и Крешник Бектеши и Јетон Шаќири.

Инаку, министерот за образование Јетон Шаќири најави дека средбите со експерти од областа на кои ќе се разговара за потенцијалната забрана на оваа социјална платформа ќе продолжат и во наредните денови. Од друга страна и пратеничката Моника Зајкова најави дека ќе пределожи низа законски измени во оваа насока.