„Мамооо. Мамаааа. Мамо. Мајко“ – ова веројано ѝ звучи познато на секоја мајка. Колку пати на ден вашите деца ви се обраќаат вака? Веројатно сосема доволно за да ве одведат до работ на нервите.
Дури и кога во близина има друга совршено способна возрасна личност – татко, дадилка или некој друг член на семејството – изгледа дека барањата за мајките никогаш не престануваат. Дали децата воопшто забележуваат други возрасни луѓе?
Д-р Рејчел Бусман, раководител на Одделот за анксиозност на Институтот „Child Mind“, вели дека постои причина зошто децата постојано ја бараат својата мајка.
Земете ја предвид возраста на детето
„Во зависност од возраста, постојат две различни ситуации“, вели Бусман за „Mom“. Ако станува збор за мали деца или деца од предучилишна возраст, ваквото однесување е сосема природно, па дури и соодветно.
„Тие ја гледаат својата мајка и ја поврзуваат со задоволување на нивните потреби“, објасни таа.
Со други зборови, ако работите од дома или сте зафатени со некоја друга работа низ домот, тоа не значи ништо за вашето дете доколку сте во неговото видно поле.
„Тие не можат да го рационализираат тоа“, посочува Бусман.
Но, ако вашето дете е малку постаро и сè уште повторува „мама, мама, мама“ – ова може да биде поврзано со одредени промени во вашите животи. Дури и ако навидум сè е нормално, вашето дете е во можност да забележи какви било промени во вашата рутина.
Со други зборови, кога ќе ја изгубат својата рутина, децата најчесто се „фаќаат“ за она што го знаат и за што се чувствуваат безбедно, а тоа се нивните мајки.
Проучете ги улогите на членовите на вашето семејство
Децата веројатно се навикнати да бараат од едниот родител да направи нешто специфично.
„Честопати луѓето преземаат улоги во семејството“, вели Бусман.
Односно, кога детето ќе му се обрати на таткото, дадилката или на трет член на семејството, тие честопати со истото прашање се обраќаат на мајката која ја носи конечната одлука. Затоа децата несвесно се обидуваат да го забрзат тој процес и да ја „избркаат“ личноста која се наоѓа во средина и решаваат директно да ѝ се обратат на својата мајка.
За да го избегнете ова и да го научите вашето дете да им се обраќа и на другите возрасни, треба да се обликува однесувањето што сакате да го видите.
„Покажете му на детето што очекувате од него“, вели Бусман.
Ова може да значи создавање лесно разбирливи граници како црвено или зелено „светло“ на вратата на мајката или јасно посочување кој е „задолжен“ за децата тој ден или во одреден дел од денот. Исто така е важно, да ги информирате другите возрасни членови на семејството дека вежбате поставување граници, вели Бусман.