Поминавме една многу тешка година за целиот свет но и за нашите граѓани и нашето стопанство и ние сме земја која знае да помогне да опстојат бизнисите. Ова го истакна премиерот Зоран Заев на дебата Економијата пред и по пандемијата. Тој истакна дека помошта на државата кон реалниот сектор не само што влијае да помогне на фирмите, туку тоа се враќа и во Буџетот.
„Пораката на финансиска стабилност и ликвидност на државата е порака – сметајте на својата Влада на својата држава, тука сме да помогнеме. Затоа што видовме кога помагаме дека веднаш се враќа во Буџетот. Стабилноста веднаш ја чувствуваме, затоа што ако живее економијата, кога се исплаќаат редовно платите веднаш државата ги гледа и своите приходи назад во самиот Буџет“, истакна Зоран Заев.
Министерката за труд и социјала Јагода Шахпаска вели дека пандемијата наметна сериозен предизвик на сериозна економска криза, која што ги засегна дури и најмоќните економии во светот.
„За Министерството за труд и социјална политика и за Владата беа важни два предизвици. Зачувување на секое работно место и грижата за ранливи категории граѓани. И во услови на пандемија преку социјален дијалог испорачавме усогласување на минималната плата независно колкав е износот за кој што таа плата е зголемена“, посочи Јагода Шахпаска.
Досегашниот прв човек на Организацијата на работодавачи на Македонија Ангел Димитров вели дека унапредувањето на претприемачката култура, подигнувањето на угледот на работодавачите како и постојано унапредување на социјалниот дијалог се работи на кои што треба постојано да се работи.
„Треба да бидеме свесни дека во овој систем што го градиме за слободно пазарно стопанство, капитализам, влијанието на работодавачите на претприемачите е огромен за развој на државата“, вели Ангел Димитров.
На дебатата беше речено дека сите пакети мерки кои што беа дадени за време на кризата со Ковид 19 дале добри резултати, особено што е ублажен и падот на БДП.