Со убедливо мнозинство од 46 гласови „за“, Комисијата за економски и парични прашања (ЕКОН) на Европскиот парламент го одобри извештајот за подготвеноста на Бугарија за влез во еврозоната, јавува БГНЕС, пренесува Трибуна.

Извештајот беше поднесен од европратеничката Ева Мајдел од редовите на ГЕРБ-ЕНП, која е и главен известувач по документот.

„Задоволна сум што моите колеги во ЕКОН-комисијата го поддржаа извештајот. Ова е поддршка за една историска задача на Бугарија,“ изјави Мајдел по гласањето.

Извештајот на Европскиот парламент за приемот на еврото од страна на Бугарија од 1 јануари 2026 година претставува трет клучен документ на европските институции, по претходно објавените позитивни извештаи од Европската централна банка (ЕЦБ) и Европската комисија (ЕК), кои веќе ја потврдија подготвеноста на земјата.

Последниот чекор кон конечното усвојување на документот ќе биде гласањето во пленарна седница на Европскиот парламент, закажано за 8 јули во Стразбур.