Северна Македонија се наоѓа меѓу одредено и умерено ниво на подготвеност во однос на слободата на изразување. Општо гледано, има направено ограничен напредок. Општиот контекст е погоден за медиумската слобода и дозволува критичко известување од страна на медиумите. Измените во Кривичниот законик и Законот за граѓанска одговорност во однос на клеветата го зголемиja степенот на правна заштита на новинарите. Сепак, забележани се голем број напади, закани и одредено застрашување на новинари, нотира Европската комисија во најновиот извештај земјава во делот на слободата на медиумите.
ЕК забележува дека е потребна поголема транспарентност во поглед на медиумското рекламирање од страна на државните институции и политичките партии, а реформата на јавниот радиодифузен сервис е потребна заради јакнење на неговата независност, професионални стандарди и финансиска одржливост. Се забалежува и дека Собранието го одложува назначувањето на членoвите на Програмскиот совет на јавниот радиодифузен сервис и Советот на медиумскиот регулатор уште од декември 2018 година. Во извештајот се забележува и дека работните услови за новинарите продолжуваат да претставуваат предизвик.
Сè уште важат препораките на Комисијата од минатата година. Во текот на следната година, Северна Македонија треба да ја ревидира законодавната рамка поврзана со медиумите и истата да се усогласи со европското законодавство и европските стандарди. Oсобено да се внимава во однос на правилата за конкуренција и државна помош, правата на интелектуална сопственост, што претставува дел од заедничниот пазар на ЕУ, да го засили спроведувањето на стратегијата за реформа на јавниот радиодифузер и да се финализираат назначувањата во Програмскиот совет на јавниот радиодифузен сервис и Советот на медиумскиот регулатор, како и да се продолжи со итно адресирање на сите закани и чинови на насилство против новинари и да се овозможи сите сторители да се доведат пред лицето на правдата.
-Општото опкружување овозможува слобода на изразување и критичко известување. Законската рамка беше зајакната: измените на Кривичниот законик и Законот за граѓанска одговорност во однос на клеветата, усвоени во ноември 2022 година, го зголемиja степенот на правна заштита на новинарите. Сепак остануваат системските предизвици: длабока медиумска поларизација, физичко и вербално насилство врз новинарите, работните услови на медиумските работници, посебно нивните работни и социјални права. Треба да се спроведат законите што се однесуваат на функционирањето на медиумите. Дигиталните технологии и нарушувањата на медиумскиот пазар упатуваат на потребата за општа стратегија за реформи во медиумите во соработка со сите чинители, заклучува ЕК.