Готвењето секојдневни оброци некогаш знае да е напорно поради немањето доволно време, па се случува да зготвите јадење „од денес за утре“. Но, ова не мора да е правило, ако имате експрес-лонец што ќе го скрати времето за готвење и ќе ви ја олесни работата во кујната.
Готвењето во експрес-лонец е многу лесно и што е најважно, побрзо од готвењето во други садови. Покрај тоа се заштедува електрична енергија, а храната што ќе се решите да ја готвите во него е повкусна. Експрес-лонецот им е вистинска помош на оние што немаат многу време за престој во кујната.
Нема ништо комплицирано или ново во готвењето во експрес-лонец. Современиот експрес-лонец може да го намали времето на готвење на производите од 30 до 60 проценти, а тоа зависи од неговата величина, како производите. Ако некогаш со часови сте готвеле грав, тоа нема да ви се случи со експрес-лонецот. Во зависност од видот грав, тој ќе биде зготвен за просечно 1 час и 15 минути и е подготвен за запршка.
Месото исто така лесно и брзо се подготвува, без разлика какво е. Тоа станува нежно и сочно, а штедите доволно време за приготвување на прилог. За да готвите различни специјалитети во експрес-лонец, треба да знаете каква е технологијата на готвење.
Основни правила на користење
Повеќето уреди за готвење се продаваат со упатство за употреба, но има неколку општи правила што можеме да ги споменеме.
Кога готвите со ваков лонец, наполнете го најмногу две третини од зафатнината. Нема да ви биде тешко да ја одредите количината, бидејќи сите експрес-лонци имаат ознака колку можете да ги наполните. Времето почнува да се мери откако ќе почне да излегува пареа низ вентилот. Тоа значи дека течноста проврила и во тој момент треба да ја намалите температурата на шпоретот, за 1 или 2, а ако готвите на плин, тогаш треба да го ставите на минимум.
При отворање на експрес-лонецот, не се обидувајте со сила да го отворите. Си постои посебен начин на отворање, кој е опишан во упатството за употреба. Веројатноста на загорување на храната во овој сад е минимална, бидејќи течноста не испарува како при нормално готвење. Капакот мора да биде цврсто затворен, за да биде херметички затворена храната во него, а при готвење не заборавајте да додадете вода.
Што сè може да се готви?
Во него можете да готвите сè што ќе посакате – чорби, супи, посни јадења, јадења со месо и друго. За чорба технолошкото време за подготовка, вклучително и времето за подготовка на производите е околу 30 минути, зависно од видот на чорбата.
Со експрес- лонецот можете да заштедите време и ако подготвувате појадок о д варени тестенини, бидејќи времето за готвење во него е двојно помало отколку во варење во обично тенџере. Омилената варена пченка се вари најмногу 20 минути, но на дното ставете ја решетката која ја има во секој експрес-лонец и додајте вода до средината на производот. Варен компир можете да приготвите за 5-10 минути. Постојат различни рецепти за секој ден или за гости. Еве една идеја за вкусно и брзо јадење за ненајавени гости.
Месо – пилешко, свинско, говедско, исечкано на коцки, заедно со сечкани печурки, 1 главица сечкан кромид, 1 морков исечкан на кругови ставете ги експрес-лонецот и динстајте ги кратко на масло. Зачинете со зачини по вкус, додајте чаша бело вино, малку вода и една кесичка крем -супа од печурки. Измешајте, затворете го експрес-лонецот и 30 минути по првото свирче на вентилот, јадењето е готово.
Каков експрес-лонец да изберете
На пазарот има огромен избор експрес-лонци, но има два вида: електричен и механички. Вторите се садови со специфичен капак, дебели ѕидови и дно и можат да се користат за електрични или плински шпорети.
Електричните експрес-лонци се модерна варијанта која приклучок за струја. На него има копчиња за избор на функции, односно програма, времетраење итн. На него само избирате опции и самиот се исклучува откако ќе заврши готвењето. Вие изберете го експрес-лонецот зависно од потребите на вашето семејство и знајте дека вреди да вложите во квалитетен сад кој го прави готвењето брзо, економично и практично.