Талибанците „сериозно ги прекршија и ги злоупотребија правата на авганистанските жени и девојки“ во Авганистан, изјави денеска портпарол на ЕУ, во пресрет на првата годишнина од владеењето на Талибанците.
– Талибанците не успеаја да воспостават инклузивен политички систем, со што ги негираат аспирациите на авганистанскиот народ, рече портпаролката на ЕУ за надворешни работи Набила Масрали, пренесува ДПА.
Авганистан утре одбележува една година откако Талибанците ја презедоа власта во август минатата година, по што основните права на жените беа потиснати, слободата на медиумите е ограничена и големи делови од земјата западнаа во сиромаштија.
Ниту една земја не ја призна де факто владата на Талибанците и жените излегоа на улиците во Авганистан за да ги осудат ограничувањата на нивните права на образование, работа и слобода на движење.
Вчера, мирниот протест на десетици жени кои маршираа по улиците на Кабул извикувајќи „Храна, работа и слобода“ повторно беше нападнат и запрен од талибанските сили, како и претходните демонстрации.
Европската унија, исто така, го осуди третманот на Хазарите и шиитското население во Авганистан и „системската злоупотреба на нивните економски, социјални, културни, граѓански и политички права“.
Потврдувајќи ја својата посветеност на авганистанскиот народ, ЕУ ги повика Талибанците – „де факто властите на Авганистан“ – да ги укинат политиките што ги прекршуваат обврските за човекови права на земјата.
„Авганистан не смее да остане безбедно засолниште за терористите, ниту закана за меѓународната безбедност“, се додава во соопштението.
Талибанците ја презедоа власта во Кабул на 15 август 2021 година, по одлуката на САД да се повлечат од Авганистан, што доведе НАТО да стави крај на 20-годишната мисија во земјата.