Во Гостивар нема кој не го познава, а и низ цела држава е препознатлив, барем по ликот кој е секогаш присутен на трибините бодрејќи ја македонската репрезентација, фудбалска, ракометна, кошаркарска… Можеби ви е познат и од квизовите? Од некоја реклама? По ведриот и насмеан лик кој зад себе крие можеби нешто сосема друго? Меѓу другото, нашиот соговорник е и дел од хуманитарната организација на Лајонс и сериозно работи на тоа поле. А, доколку досега не сте го запознале, еве прилика сега да го запознаете Мирослав Попоски.
Роден е еден ден пред Нова година, во 1975., во Гостивар. Во родниот град завршил основно и средно образование. Вели дека имал сосема безгрижно детство, растејќи во хармонична семејна атмосфера:
– Преубаво безгрижно детство! Родителите, дедовците, бабите, сите беа подредени на нас. Гостивар е мал град, убав за живеење, сите се знаеме, сè ни е лесно, достапно и близу, така што убав живот имаше. Факултетот беше главна причина да се преселам во Скопје и ете, останав тука.
Во 1999 година, Мики дипломирал на Економскиот факултет и веднаш се приклучил кон семејниот градежен бизнис кој го работи до денес, со големо задоволство. Неговата сестрана личност се огледа и во неговите хобија.
– Колекционер сум на интересни предмети, единствен во Македонија сум кој ги посетил сите првенства, во сите спортови кога учествувала Македонија со својoт национален тим, ги имам сите албуми на Панини, имам и над 1500 пивски шишиња од цел свет, над 500 украси од моите патувања и така натаму, раскажува Мирослав.
СО ГЛАВА ЌЕ ГО ПЛАТЕЛ БОЕМСКИОТ ЖИВОТ
Во Скопје го препознаваат и по боемскиот начин на живот, кој за малку, живот ќе го чинеше. Еве што вели за тој период:
– Убаво звучи ова боемџија, морам да признаам. Убав и динамичен е тој живот, носи разни ситуации со кои ретко кој може да се носи, ама ако ти годи, одиш напред. Еден од најголемите недостатоци на тој убав живот е нередовната исхрана, нередовниот сон од желба да се стаса секаде и ете, со глава ќе платев пред речиси 5 години заради таквиот начин на живот. Добив сепса од наглото менување на тежината и тоа ми е голема животна лекција, а се случи само 1 месец пред раѓањето на ќерка ми.
ПО ДВА БРАКА, ПАК Е „СИНГЛ“, ВЕРУВА ВО ТРЕТА СРЕЌА
За првиот брак, Мирослав раскажува дека било тоа детска љубов која започнала во Гостивар и траела сè до раѓањето на нивниот син Стефан. Добро се согласувале, но како што вели, веројатно долгиот период поминат заедно довел до заситување и кај двете страни. Со партнерката се разделиле мирно и цивилизирано. Вели, најважно за него е тоа што, од таа врска ја има својата прва гордост, кој годинава е полуматурант.
– Помеѓу првиот и вториот брак настана вакум простор од 10 боемски квалитетни години. Се заситив од тој живот и ете, се споивме со втората жена. Дојде операцијата, па раѓањето на Нина, па свадбата во диско 43 кај Томе Корнер. Убав период од животот, ама веројатно немирниот дух одигра клучна улога, и ете пак сум „сингл“, искрено раскажува Мики.
Сепак, ниту за првиот, ниту за вториот развод, не обвинува никого, смета дека едноставно сè што има почеток, има и крај, мислејќи на страста и љубовта, додавајќи дека единствено љубовта кон децата е безвремена и неограничена.
– Златни деца се Стефан и Нина и свесни се за сè. Не се оптоварени со целата ситуација, имаат взаемна љубов, а јас како татко секогаш сум тука за нив кога и да треба. Нина ја чуваме и двајцата, а многу време проаѓа и со дедо и баба кои се преселија од Гостивар во Скопје за да бидат поблиску до Нина. Пандемијата си го направи своето, повеќе време бевме дома сите, ама сега речиси сè е вратено во нормала и Нина расте безгрижно, вели Мики.
Дали ќе се одлучи за трета среќа? Вели дека секако би се одлучил, доколку се заљуби, бидејќи верува во институцијата брак, иако зад себе има два разводи.
– Се надевам и мене ќе ме огрее сонце, низ насмевка додава Мики.
Во однос на советите за своите деца при изборот на животен сопатник, Мики не верува дека било каков совет може да помогне, зошто никој од нас не знае што го чека во животот и каква му е среќата, само знае дека секогаш ќе им помага на своите деца и ќе биде присутен во нивниот живот најмногу што може.
Ти благодариме Мирослав Попоски што ни помогна да го разбиеме стереотипот дека само жените знаат да си ја отворат душата. И доколку трета е навистина среќа, ти посакуваме што поскоро да ти се случи.