Един Џеко ќе се збогува со Рома и во новата сезона ќе го носи дресот на Интер, – потврди вчера Џанлука Ди Марцио.

Капитенот на репрезентацијата на БиХ ги договори сите услови околу договорот со актуелниот италијански шампион и ќе го засили нападот на Нероаѕурите.

Рома не сакаше да даде зелено светло додека не биде најдена адекватна замена, но Жозе Мурињо на крајот даде „амин“, по што понудата на Интер беше прифатена. Се очекува нов голгетер на „римската волчица“ во текот на оваа седмица да стане Теми Абрахам, кој стана прекуброен во нападот на Челси по договорениот трансфер на Ромелу Лукаку. За услугите на Абрахам се интересираше Аталанта, но италијанските медиуми тврдат дека Мурињо го искорискил добриот однос со највисокото раководство на Челси и го договорил овој трансфер.

Искусниот 35-годишен напаѓач последните детали во договорот ги реши минатата ноќ и трансферот конечно ќе биде реализиран.

Един во Милано ќе допатува денеска. Во седиштето на Интер ќе бидат извршени лекарски прегледи, а потоа ќе потпише двегодишен договор вреден пет милиони евра по сезона.