Актерот и комичар Еди Марфи им понуди совет на сите комичари додека ја примаше наградата Сесил Б. Демил на Златните глобуси. А тој совет е: Не зборувај за сопругата на Вил Смит.

Со својата шега тој се осврна на инцидентот на минатогодишното доделување на Оскарите кога по шегата за Џејда Пинкет Смит, Вил Смит му удри шлаканица на Крис Рок.

Неговиот „план“ за успех

„Сакам да ве известам дека постои дефинитивен план што можете да го следите за да постигнете успех, просперитет, долговечност и мир на умот. Постои план и јас го следам цела моја кариера. Многу е едноставно“, Марфи изјави на публиката.

„Само направете ги овие три работи: плаќајте ги даноците, внимавајте на вашата работа и не кажувајте го името на сопругата на Вил Смит“, рече Марфи, кој случајно е пријател на Смит.

Да потсетиме дека Крис Рок ја спомна и Џејда во својот говор на Оскарите. Смит првично се насмеал од коментарот, но кога ја видел бесната реакција на неговата сопруга, и тој се налутил и излетал на сцената и го удрил Рок. Кога се вратил на своето место, Смит извикал: „Не кажувајте го името на мојата сопруга“.