Раководството на Културно – просветно друштво „Вардар“ денес изрази загриженост поради финансиската криза во која се наоѓа ФК Вардар и започна Иницијатива за спас на клубот.
-Кризата во Вардар е закана по иднината, па дури и опстанокот на нашиот најголем фудбалски бренд. ФК Вардар е најпопуларниот и најсаканиот фудбалски клуб во Македонија со огромен број на приврзаници. Време е таа огромна црвено-црна армија на приврзаници на ФК Вардар да покажеме дека сме во состојба да му помогнеме на нашиот љубимец во можеби најтешкиот момент на неговото суштествување. Не може да дозволиме иднината на ФК Вардар да зависи од добрата волја на поранешниот спонзор на клубот за да ги исплати долговите на клубот. Со тоа ФК Вардар се претвора во своевиден зависник без излез, стои во соопштението на друштвото.
Иницијативата за спас ќе се одвива под мотото „Еден за сите, сите за Вардар“.
-Веруваме дека во нашата иницијатива ќе се вклучат сите негови, и наши приврзаници, кои Вардар го сметаат како дел од себе, и сите оние кои го сакаат спортот, спортски ентузијасти, спортски работници, спортски легенди, бизнисмени. Пред да ја започнеме нашата кампања сметаме задолжително да одржиме средба со градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов и со луѓе од самиот клуб Вардар, како би го уточниле начинот по кој ќе се спроведува кампањата. Тоа подразбира и медиумска кампања преку изработка на промотивно видео со цел иницијативата да стигне до најголем број на приврзаници на ФК Вардар. И она што е најважно, средствата од дарителската кампања да одат само и единствено за потребите за непречено функционирање на ФК Вардар, велат иницијаторите за спас на „црвено-црните“.