Петко Русанов од Стара Загора, еден од тројцата приведени на граничниот премин Ѓуешево-Деве баир од страна на полицијата на РС Македонија испрати обраќање до медиумите во земјата. Во обраќањето Русанов демантира дека ги нарекол полицајците на граничниот премин „цигани“ и додава дека не искажал ниту една навреда кон било кого, пренесува Трибуна.

Во своето обраќање Русанов вели дека манипулираните видеа, според кои тој навредувал, се објавени со цел да се оправда грубото самоволие на кое тие биле подложени.

„Изненаден бев кога дознав дека моето име во моментов е едно од најспоменуваните во локалните медиуми, поради манипулацијата со видео снимката од она што се случи на 04.02.2023 година на бугарско-македонската граница во Деве Баир. Едно е точно – јас бев еден од најгласните, но не и од оние кои си дозволија да ги навредуваат македонските гранични полицајци. Вакви манипулативни видеа се објавени во медиумите кои со години водат насочена антибугарска кампања, со цел да се оправда грубото самоволие на кое бевме подложени.

Им се обраќам со желба да размислат за нивното однесување, бидејќи внимателно следам што се пишува за мене и тоа што некој си дозволува манипулации, нема да го оставам без последици. Јасно и категорично кажувам дека немам искажано навреди и квалификации кон македонските гранични власти и на ниту еден начин не сум ги прекршил законите на РСМ. Исто така повторно констатирам дека против секој што ќе си дозволи да манипулира, со тоа што се случи, оттука натаму ќе биде тужен за навреда, а тоа што ќе го добијам како оштета ќе го донирам на бугарските клубови во Македонија.

Започнатиот процес на будење на македонските Бугари не може да се запре и тоа што се случи никако нема да ме спречи да продолжам со активноста на блогот przone.info. Се обраќам и до моите пријатели Македонци:
Браќа, ќе дојде време кога кај Вардар повторно ќе прозвучи „Шуми Марица“, стои во обраќањето на Петко Русанов до медиумите во РС Македонија.