Бугарија постигна значаен напредок во економското приближување кон еврозоната и може да го воведе еврото од 1 јануари 2026 година, соопшти Европската централна банка во најновиот Извештај за конвергенција, јавува БГНЕС, пренесува Трибуна.

„Сакам да ја пофалам Бугарија за нејзината огромна посветеност на потребните реформи“, изјави членот на Извршниот одбор на ЕЦБ, Филип Р. Лејн.

Според ЕЦБ, Бугарија ги исполнува сите економски и правни критериуми: инфлацијата е 2,7 % (под референтните 2,8 %), буџетскиот дефицит е точно 3 %, а државниот долг е само 24,1 % од БДП. Левот останал стабилен во рамките на механизамот ERM II, а каматните стапки се под границата.

Сепак, ЕЦБ укажува дека се потребни дополнителни реформи, особено во борбата против перењето пари.

Извештајот е објавен на барање на Бугарија, а следниот редовен извештај ќе излезе во 2026 година.