Неодамна раперот Џеј Зи прозборе за родителството на трите деца кои ги дели со неговата сопруга Бијонсе, Блу Ајви и близнаците Руми и Сер.
„Целта е да бидеме сигурни дека ќе обезбедиме средина полна со љубов за нив, да бидеме многу внимателни за она што сакаат да бидат“, објасни 51-годишниот рапер за „Times“ чие вистинско име е Шон Картер.
„За нас, како човечки суштества, е лесно да сакаме нашите деца да прават одредени работи, но ние не знаеме што ќе се случи. Ние сме само водичи“, вели тој.
„Што ако моето дете не сака да се занимава со музика или спорт? Немам идеја, нели? Но, сè додека детето се чувствува поддржано и сакано, мислам дека сè е можно“, истакна раперот.
А се чини дека 9-годишната Блу можеби веќе почнува да ги следи стапките на нејзините славни родители затоа што оваа година ја освои својата прва Греми награда за најдобро музичко видео за „Brown Skin Girl“.
Џеј Зи смета дека најважната работа за едно дете е да се чувствува сакано, а не да му се каже „Еве овој бизнис ќе ти го предадам, ова го создавав за тебе“.
Раперот и неговата 39-годишна сопруга Бијонсе, за прв пат станаа родители во 2012 година на ќерката Блу Ајви, а во 2017 година ги добија и близнаците Руми и Сер.
Тие со години го чуваат својот семеен живот далеку од очите на јавноста. Пејачката на хитот „Halo“ во минатото зборуваше за физичките промени кои ѝ се случиле откако стана мајка.
„Ако некој пред 15 години ми кажеше дека моето тело ќе претрпи толку многу промени и флуктуации и дека ќе се чувствувам поженствено и посигурна со своите облини, немаше да му верувам“, изјави пејачката за „Elle“ во декември 2019 година, додавајќи дека нејзините три деца се нејзината најголема радост.