Автор: Азир Алиу, универзитетски професор
Речиси сме на прагот на новата учебна година и време е учениците, наставниците, родителите и општеството во целост да се подготват и да се соочат со еден од трите потенцијални начини на изведување на наставата кои се дефинирани во планот за одржување на настава од страна на МОН: физичко присуство на учениците во училиште; учење на далечина или хибриден модел (комбинирање на физичко присуство и учење од далечина). Секој од утврдените модели има свои специфичности и на тоа треба да бидат спремни училиштата, наставниците, учениците и родителите.
Моделот кој што се дефинира за одвивање на наставата со физичко присуство на учениците во училиште бара физичка инфраструктура во училиштето, која е соодветна и одговара на протоколот дефиниран за одвивање со овој модел. Исто така, бара учениците и родителите детално да се информирани за овој протокол, наставниот кадар да е обучен за работа во услови каде што треба стриктно да се примени протоколот, а бара и примена на соодветни дидактичко-методички алатки за спроведување на настава во услови на пандемија.
Хибридниот или најсложениот модел, освен што бара соодветна инфраструктура во училницата, брз интернет, бара и соодветна обука на наставниците за да бидат спремни за менаџирање на учениците во училница но и оние кои наставата ја следат онлајн. Овој модел бара нов начин на предавања од методолошки, педагошки и од комуникациски аспект. Имајќи в предвид дека овој модел е комбинација на двата модела (физичко присуство и учење во далечина) процесот на едукација е посложен и бара други соодветни дидактичко-методички алатки за двете форми на одвивање на наставата. Исто така бара посебни обуки на наставниот кадар за соодветно менаџира со наставниот час и ракување со инфраструктурата во самата училница.
Со третиот модел, учење на далечина веќе имаме некакво искуство од претходните учебни години и сме свесни за сите предизвици со кои се соочија наставниците и учениците. Ако во првиот модел, родителите треба да бидат информирани за протоколите, во вториот и третиот модел родителите се директно вклучени во образовниот процес со обезбедување „домашна училница“ за секое дете, обезбедување соодветна ИТ опрема, обезбедување добра интернет конекција и обезбедување соодветен стол. Сите овие услови се неопходни, едни за нормално следење на наставата и апсорбирање на ново знаење на часот, додека другите услови се битни за нормален раст и зачувување на психо-физичкото здравје на детето.
Нашиот образовен систем и по 17 месеци од почетокот на корона пандемијата, се уште, не е подготвен за квалитетно и ефективно исполнување на барањата за едукација на кој било од трите утврдени модела од страна на МОН. За првиот модел, многу малку е работено на подобрување на потребната инфраструктура за одвивање на настава според бараниот протокол.
Вториот и третиот модел, како што веќе наведов, бараат посебни услови за одвивање на наставата не само во училиштата, туку и во домот каде што живее ученикот. Учењето на далечина не може да се развие преку смартфон, туку исклучиво преку компјутер или таблет. Тоа е минимум опрема што треба да ја има секое дете. Овие два модела, исто така, бараат ученикот да имад обра интернет конекција. Знаејќи ја финансиската состојба на едно просечно семејство во нашата држава ,креирање на соодветни услови за овие два модела е речиси невозможен.
Националната платформа која е неопходна за двата модела, иако се презентира како соодветна за онлајн настава, се уште има сериозни недостатоци за интерактивно учење и можност за дефинирање на часот како што бараат правилата за онлајн настава и научно докажаните неопходни функционалности.
Но, сето ова и не би било толку проблематично, доколку државата работеше систематски овие 17 месеци за подготовка на целиот образовен екосистем. Преку креирање соодветни обуки за наставниот кадар за секој модел посебно, одржување на инфо сесии за родителите за да бидат информирани за секој модел посебно и за нивните обврски кои им следат со цел наставниот процес да биде сеопфатен, организирање на конференции на теми поврзани со предизвиците за секој модел посебно итн.
Што може да се направи на две недели пред почетокот на наставата со цел образовниот процес да се одвива оптимално? МОН, во вакви услови треба да ги остави општините и училиштата да го одберат најсоодветниот модел за работа од понудените три модели. Нема потреба да се фиксираме само на еден модел секаде, доколку тој модел не може да се примени.
За одредување на моделот за изведување на наставата, училиштето и општината треба строго да се базираат на протоколите донесени од страна на МОН и нивно строго исполнување, со добро организиран процес на настава кој што нема да се гледа само преку реализирање на целите на наставата, туку да се внимава и на развоен ментален став на учениците кои што ќе бидат способни за решавање на проблеми и отворени за тимска работа, вештини неопходни за понатамошен кариерен развој.
Овој начин дава слобода училиштата и општините да го одберат најсоодветниот модел со што побрзо и полесно ќе ги инкорпорираат потребните процеси и технологии во училиштето врз основа на можностите и инфраструктурата која ја имаат. Како резултат на ова ќе имаме соодветно применување на протоколите, соодветни дидактички системи и методика на наставата и оптимално решение за наставниот процес кој може да се развие на начин, каде што усвојувањето на нови знаења ќе биде полесен и мотивирачки за учениците.