Екипата на Еурофарм Пелистер се договори со унгарскиот тим Татабања одложениот натпревар да се одигра во Битола.

Првично натпреварот требаше да се игра минатата година, на стартот од Лигата на Европа, но поради позитивни случаи на коронавирус во унгарскиот тим, натпреварот е одложен. Сега битолчани успеаја да се договорат со Татабања, двата натпревари да се играат во Битола, на 9. и 10. февруари.

„РК Еурофарм Пелистер ја информира јавноста дека постигна комплетен договор со екипата на Татабања од Унгарија двата натпревари од групата Д на Лига Европа да се играат во Битола. Натпреварите ќе се одиграат на 9 февруари во 20:45 часот и на 10 февруари во 17:00 часот“, соопшти Е. Пелистер.

Битолчани досега одиграа пет натпревари во Лигата на Европа и имаат скор од една победа, (Требње), едно реми (Кадетен) и три порази со што се наоѓаат на петтата позиција на табелата. Унгарскиот тим е последен на табелата во групата Д со четири порази во четири натпревари.