Осудена за убиство на жена додека возела пијана, Локејн го одлежала своето време и ги поминала следните пет години како модел-граѓанин, соочувајќи се со своето злосторство и обидувајќи се да спречи други да тргнат по нејзините стапки. Потоа, таа била повторно затворена за истото дело.
Американската актерка Ејми Локејн (49) мора да се врати во затвор откако ја отслужи казната за истото злосторство. Несекојдневниот пресврт со кој повторно е осудена, при истекувањето на условната казна, се заканува да стане преседан што ја урива довербата на граѓаните во американскиот правен систем и отвора можност тоа да им се случи и на другите рехабилитирани затвореници, пишува „Гардијан“. Нејзиниот адвокат и нов партнер Џејмс Вронко и нејзината мајка се прашуваат што ќе се постигне со второто отслужување на казната, бидејќи тоа нема да го надомести животот што актерката го одземала поради возење во пијана состојба. Никој не спори дека Ејми Локејн извршила тешко кривично дело.
Пијана усмртила жена
Фаталната сообраќајна несреќа се случила во 2010 година, откако актерката, позната по главната женска улога во мјузиклот „Плачливко“ (ја играше девојката на Џони Деп) и по улогата во серијата „Мелроуз плејс“, ја завршила претставата во театарот, се пресоблекла и се упатила кон забавата за актерите, каде што испила неколку пијалаци, па отишла на забава во домот на семејните пријатели каде што се наоѓале нејзиниот тогашен сопруг и нивните ќерки. Таму повторно посегнала по алкохолот.
Локејн подоцна пред судот рекла дека се надевала дека нејзиниот сопруг ќе ја одведе, но тој заминал порано земајќи ги децата. Локејн одлучила да се врати дома со својот џип. Била свесна дека не смее да вози, но на крајот заклучила дека „тоа е само 15 минути возење“. Прво, на семафор, додека било вклучено црвеното светло, се забила во задниот дел на возило хонда пред нејзиниот автомобил. Возачката ѝ пришла за да разменат податоци за осигурувањето, а кога сфатила колку е пијана актерката – одвај зборувала додека очите ѝ биле стаклени – се обидела да ѝ ги одземе клучевите од автомобилот со зборовите дека полицијата е на пат. Но, Локан некако успеала да го вклучи автомобилот и да побегне, а возачката на хондата тргнала по неа. Актерката притиснала на гас, достигнувајќи брзина од 85 км/час, иако во населено место било дозволено да се вози максимум 56 км/час. Во исто време, сограѓанинот Фред Симан, адвокат за недвижности, и неговата сопруга Хелен, се враќале дома со автомобил. Адвокатот забавил за да сврти лево на патеката од нивната куќа и во тој момент се појавило возилото на Локан и се забило во нив. Хелен загинала на самото место, додека Симан бил тешко повреден. Актерката, пак, завршила во блискиот ров речиси без гребнатинка. Локејн тврдела дека испила четири чаши вино и пиво, а кога ѝ извадиле крв, се покажало дека има трипати повеќе промили алкохол во крвта од дозволеното. Не сфатила што се случило, се кикотела на местото на несреќата.
Двапати осудена за исто дело
Две години подоцна, Ејми Локејн била осудена за убиство од втор степен со автомобил како и за напад со автомобил. Минималната казна била пет години, но Локан добила три поради олеснителни околности – имала чисто досие, се сметало дека највисоката цена ќе ја платат нејзините деца ако остане подолго во затвор, а едната ќерка тогаш имала сериозен здравствен проблем. Покрај тоа, одбраната на актерката утврдила дека Фред Симан преминал на спротивната страна, на нејзината лента, обидувајќи се да сврти накај дома, а таа имала предимство на поминување. На крајот на судењето, семејството Симан било вџашено. Сопругот на загинатата ѝ се развикал на актерката дека „болното дете не ѝ дава изговор за да ја убие неговата сопруга“ и ѝ рекол на судијката дека процесот е „лакрдија“ пред да излета со солзи од судот.
Значајната реченица на судијката дека државата го задржува правото да ја зголеми казната, како да останала да виси во воздухот, речиси незабележана. Подоцна се покажало дека таа била клучна во текот на жалбената постапка, сè додека во јули 2020 година Локејн не била осудена на осум години затвор за убиство од втор степен. Тоа се дополнителни пет години бидејќи таа веќе отслужила три, а ќе има право на условно ослободување по три години доколку ги исполни условите и ако семејството на трагично настраданата не се спротивстави.
Залуден труд, ништо не ѝ помогнало
Во приказната за актерката која поради пијанство усмрти жена, в очи паѓа периодот помеѓу нејзините две одења во затвор. Имено, откако била пуштена на условна слобода во 2015 година, болно свесна за сè што сторила, нејзиниот сопруг веднаш се развел од неа, а добил целосно старателство над ќерките, кои на почетокот не сакале да ѝ дадат шанса. Локејн била отфрлена во малиот град, без деца, дом, работа, пари, возачка дозвола. Пеш одела на состаноците за анонимни алкохоличари, на средбите со децата, на разговорите за работа, си обезбедила подобро сместување од скромното станче, каде што се сместила по разводот. Во слободно време помагала во лекувањето на зависниците и на жените неодамна ослободени од затворот, волонтирала по училиштата, раскажала за „Гардијан“ психологот Барбара Полеј. Според неа, Локејн давала сè од себе за да се искупи.
Се чинело дека животот го започнала одново како личност што повеќе нема проблем со алкохолот, сè додека судот не донел одлука во 2020 година дека сето тоа било трик за да се создаде позитивен пи-ар, бидејќи, сепак, таа е актерка… Нејзиното искупување било оценето како неискрено.
Две години по фаталната сообраќајка, Ејми Локејн била осудена за убиство од втор степен со автомобил како и за напад со автомобил. Минималната казна била пет години, но Локан добила три поради олеснителни околности – имала чисто досие. Меѓутоа, судијката рекла дека државата го задржува правото да ја зголеми казната. Во јули 2020 година Локејн била осудена на осум години затвор за убиство од втор степен.