Уставниот суд на Јужна Африка денеска го осуди поранешниот претседател Џејкоб Зума на 15 месеци затвор заради непочитување на судот, откако одби да одговори на прашања на антикорупциската комисија за време на неговиот мандат. Ова е првпат во историјата на Јужна Африка поранешен претседател да биде осуден на затворска казна.

-Уставниот суд немаше друг избор освен да заклучи дека г-дин Зума е виновен за непочитување на судот, рече судијата Сиси Кампепе.

На Зума му е наредено да се пријави во полицијата во рок од пет дена, а доколку не го стори тоа, ќе биде уапсен.

Зума, кој беше претседател на економски најразвиената африканска земја од 2009 до 2018 година, е обвинет за многу случаи на корупција, рекетирање, измами, затајување данок и перење пари.

Тој ја негираше вината по сите точки на обвинението, тврдејќи дека судењето било политички мотивирано.