Сите учесници на Локалните избори 2021 се должни еден ден по завршување на изборната кампања, односно еден ден пред одржување на вториот круг на гласање – 30 октомври годинава, да изготват и до Државниот завод за ревизија, Државната изборна комисија и Државната комисија за спречување на корупцијата да достават Извештај со образец за примените донации на трансакциската сметка за финансирање на изборната кампања, укажува Државниот завод за ревизија (ДЗР).

За таа цел, како што велат, ДЗР на 30 октомври ќе обезбеди редовно работење на Архивата за прием на извештаите заклучно со 24:00 часот, а истовремено ќе овозможи и електронски прием на службената адреса на ДЗР: [email protected].

– Укажуваме дека Извештајот со образец за примените донации на трансакциската сметка за финансирање на изборната кампања, учесникот во изборната кампања е должен да го изготви на образец пропишан од министерот за финансии, односно согласно Правилникот за образецот за извештај со спецификација на трошоците за приходите и расходите на трансакциската сметка за изборна кампања и извештај за примени донации на трансакциска сметка за финансирање на изборна кампања, посочуваат од ДЗР.

Составен дел на овој правилник, додаваат, е и Упатството за начинот на пополнување на образецот на извештајот.

– Политичките субјекти се должни овие извештаи да ги објават на своите веб страници, потенцираат од ДЗР.