Додаток за прекувремена работа се исплаќа во само 26 од 36 институции, а додаток за прилагодување на пазарот на труд не се исплаќа во ниту една институција утврдил Државниот завод за ревизија (ДЗР). Констатирал и дека модулот за пресметка на плати се користи само од 29 институции, а модулот за управување со учинокот не се користи воопшто. Укажува да се преиспитаат законски утврдените рокови за одобрување на плановите за вработување како и да се усогласи Законот за административни службеници со Општиот колективен договор за јавниот сектор во делот на начинот на утврдување на платата.
Со ревизијата на усогласеност на тема „Плати и додатоци на плати на административните службеници во Република Северна Македонија“ што ја објави денеска ДЗР биле опфатени платите и додатоците на плати на административните службеници за период од 2021 до 2023 година во 14 министерства и 22 институции, меѓу кои и институции каде определени прашања во врска со работниот однос на административните службеници се регулирани со посебни закони.
Констатирано е дека Владата продолжува со реорганизација на јавните институции и засилување на нивниот капацитет заради воспоставување на унифициран и кохерентен систем на плати во јавниот сектор, преку изработка на стратегии за
реформа на јавната администрација и нови законски предлози, но од страна на Собранието се уште не се донесени.
– Со извршената ревизијата на информациониот систем за управување со човечки ресурси во јавниот сектор воспоставен во МИОА, се утврди дека модулот за пресметка на плати се користи само од 29 институции, додека модулот за управување со учинокот не се користи воопшто. Ваквата состојба ја доведува во прашање оправданоста на набавката и одржувањето на системот, како и ефикасноста на планирање на развојот и унапредувањето на вработените во јавниот сектор, а со тоа и на платите во јавниот сектор, информира ДЗР.
Во однос на плановите за вработување со кои институциите ги планираат потребните годишни вработувања констатирано е дека не се донесени во законски утврдените рокови, што влијае на степенот на реализација на вработувањата. Во
2021 година реализирани се само 19,5 проценти од вкупно планираните вработувања, додека во 2022 година реализирани се само 16 проценти.
Извршената анализа на вработувањата во опфатените 36 институции покажала дека планирањето на нови вработувања е фокусирано на неопределено време, а не и за вработувања на определено време и привремените вработувања преку агенции за привремени вработувања. Во периодот од 2021 до септември 2023 година, во овие институции биле вработени вкупно 3 384 лица, од кои 1 012 на неопределено време, 468 на определено време, 1 424 привремено и 480 преземени од други органи.
ДЗР укажува дека ваквите состојби создаваат ризик од ненавремена и нецелосна реализација на целите и надлежностите на институциите во државата, поради што ревизијата е на мислење дека постои потреба од преиспитување на законски утврдените рокови за одобрување на плановите за вработување.
Според ДЗР, утврдени се разлики во висината на платите за исти работни места во различни институции, како резултат на различните законски и колективни договори врз основа на кои се утврдува висината на бодот на административните службеници. Платите во министерствата се најниски, бидејќи се уредени според Законот за административни службеници, додека во другите институции платите се уредени на начин различен од наведениот закон со што се создаваат разлики во платите за истиот вид на работни места.
Иако Законот за исплата на платите овозможува месечно зголемување до 50 проценти од остварената стапка на пораст на трошоците на живот во тековниот во однос на претходниот месец, со ревизијата утврдивме дека во период од 2021 до 2023 година и покрај тоа што стапката на трошоците за живот е зголемена од 0,1 процент до 2,8 проценти, не е извршено месечно зголемување на платите од 50 проценти од остварената стапка на пораст на трошоците на живот во тековниот во однос на претходниот месец, во рамките на обезбедените средства. Исто така, констатирано е дека иако законската рамка дозволува исплата на додатоци за прекувремена работа и прилагодување кон пазарот на труд, додатокот за прекувремена работа се исплаќа во само 26 од 36 институции, додека додатокот за прилагодување на пазарот на труд не се исплаќа во ниту една институција.
Ова, истакнува ДЗР, уште повеќе создава разлики висината на платите меѓу административните службеници и упатува на потреба за хармонизација на исплатата на додатоците, како што е предвидено во законската регулатива.
Ревизијата истакнува дека во јули 2023 година донесен е Општ колективен договор за јавниот сектор, каде пресметката на бруто плата е утврдена како производ од просечна бруто плата и коефициент на сложеност на работното место со примена од 01.03.2025 година.
-Имајќи предвид дека во новиот Предлог закон за административни службеници што е во собраниска процедура каде начинот на пресметка на плата е уреден на друг начин, преку бодови, односно основната плата се состои од дел на плата за степен на образование, дел на плата за ниво и дел на плата за стаж, а вредноста на бодот се утврдува секоја година од страна на Владата, укажуваме дека постои потреба од усогласување на законот со Општиот колективен договор за јавниот сектор во делот на начинот на утврдување на платата, наведува ДЗР во извештајот.