Владимир Перев

Една навидум обична поправка на македонскиот Устав, доведе до тектонски пореметувања на македонската политичка сцена, пореметувања кои се одразија и врз сликата која Македонија ја имаше во Европската Унија. Не дека таа слика порано беше којзнае колку убава, но сега македонската национал-шовинистичка политика го покажа пред светот своето грдо лице. Македонија, земјата на многу нации и мултикултурна по своето себепоимање, во моментот кога и бугарскиот народ требаше да биде дел од Уставот на државата, се претвори во држава на национална исклучивост и тоа само кон еден европски и светски народ.

Бугарскиот претседател Румен Радев беше основоположникот на формулацијата-предлогот, “бугарите да бидат дел од уставот на Македонија, како дел од соседниот бугарски народ и држава, кои учествувале во формирањето на независната македонска држава“. Тој предлог, таа формулација наиде на остро одбивање кај нас, претставено со навредливата флоскула “бугарски диктат“. Дури и солуцијата прифатена и од македонските раководители, форматирана како “француски предлог“ за потоа истиот да стане “предлог на ЕУ“, до денешен ден е одбивана со навредливата флоскула “бугарски предлог“…како бугарите да решаваат за животот и смртта на овој дел од Балканот. Којзнае, може би е и така…
Сепак, “бугарскиот предлог“ го најде своето место во актите на Европската унија, па за проблемите на македонските бугари, оваа година за прв пат се проговори и напиша пред Советот на Европа.

Ако сѐ почна од Румен Радев, сега веќе проблемите јасно и остро ги формулира вицепрезидентката Илијана Јотова во своето гостување на во емисијата “Брисел 1“ кај познатата бугарска новинарка Милена Милотинова. Враќајќи се од официјалната посета на Албанија по повод пописот на населението таму, а по средбите и со високи албански представници, Јотова даде јасни и недвосмислени одговори на бројните прашања, кои сѐуште овде кај нас, а Бога ми и во Бугарија, некои ги сметаат за отворени проблеми. Јасно е, вели Јотова, дека уште од 2017 година има официјално признато бугарско малцинство (согласно термините во албанскиот устав) во Албанија, на кое се гарантирани сите права. Таму има и неделни училишта по бугарски јазик, а наставата ја одржуваат учители кои се образувани во Бугарија и сега се вратени во Албанија да ја продолжат својата кариера и живеење во родните места. Тие се албанските бугари. Тие се дел од буагрскиот народ кои живеат во Албанија и како такви се признати.
Во Македонија, за разлика од Албанија, има случаи на насилие врз македонските бугари, затворање на нивните клубови, како и физичко насилство врз некои од членовите. Тоа не е политика која е прифатлива за Европа, затоа што ЕУ е организација која најмногу внимава на човековите права.

Историски, насилието врз македонските бугари е долготрајно и со особени методи, а Бугарија сѐ до сега не реагирала соодветно, заради пасивноста на бугарската држава, вели Јотова. Ние нема да дозволиме, малолетни, поточно речено мали деца или нивните родители да бидат повикаувани кај јавен обвинител, само затоа што цртале цртежи заедно со своите бугарски врсничиња, како дел од проектите на светски познатиот Мал Битолски Монмартр. Тој тип на насилие нема да биде прифатен од ниту една европска држава!
Кажа Јотова и други нешта. Кажа дека ќе се објават имињата на носителите на бугарско државјанство од Македонија, за сите да ја видиме лажливата “патриотска“ определба на националните конвертити од нашето опкружување…Бугарија да ги објави, па потоа ние и тие, овде во Македонија, ќе си го кажеме мислењето за “македонизмот“ како параван на подлоста. Затоа сите наредни државјанства ќе се даваат на свеченост во Президентството, со изобилие камери и новинари…да, и да не се заборави, секој кандидат за бугарско државјанство ќе треба да го научи бугарскиот јазик во некаква прифатлива норма.
Илијана Јотова кажа и некои нешта околу замрената работа на двете комисии, прикривањето на досијеата на политичарите и другите овде, непостапувањето по исправките во македонските учебници како и за евентуалното преземање мерки за “новогодишниот излет“ на советничката за надворешна политика на премиерот Кирил Петков, Весела Чернева.

Многу нешта кажа вицепрезидентката Јотова. Точни, обмислени и целенасочени! За резултатите нема да треба да се чека долго.
Турбуленциите и борбата за (пре)власт во двете најголеми македонски партии, СДСМ и ДПМНЕ, ја замаглуваат сериозноста на ситуацијата во која се наоѓа земјава. Партиските борби се експлицитната реалност, но проблемите што се кријат под нив, ќе ја определат судбината на државата. Заблудата лежи во тоа луѓето да се прашуваат “кој ќе победи“, наместо основното прашање да биде “која е опцијата која ја прифаќаме“.

Некои работи не ги кажаа, ниту Радев, ниту Јотова. Тие нешта треба да се кажат од овде, да ги кажеме ние, македонците!
Местото на македонските бугари во Уставот на државата е право и должност на оние кои се овде. Илинденското востание е дело на македонските бугари, заедно со делови од влашкото, албанското и еврејското население во земјава. Тоа е факт! Подоцна, во новата “‘асномска“ Македонија, имаат свое учество и ред други народи, вклучително и српскиот! Меѓу членовите на АСНОМ и АВНОЈ од Македонија, (грубо наречувани веќници) има и припадници на бугарската општност во земјава, познати антифашисти, белградски студенти и последователи на комунистичкото движење во Југославија. Подоцна, некои од нив беа отстранети од власта, како резултат од влијанието на белградската политика и србоманството на дел од тогавашното македонско раководство. Некои (сосема оправдано) заглавија на Голи Оток како сталинисти, определувајќи се, да живеат во ист режим со Бугарија…подобро што тоа не се случи.

Местото на македонските бугари е во Уставот на земјата, безразлично дали се говори за комунисти и фашисти. Сака ли некој да убедува дека сите македонци, срби, турци, албанци и други во Македонија, оние кои сега фигурираат во Уставот, за време на Втората светска војна биле комунисти или антифашисти!

Тандемот “Радев-Јотова“, заедно со Парламентот во Софија, одлично си ја заврши својата работа по однос на Македонија…прв пат по стотина години. Да не се лажеме, поголемиот дел останува на нас овде, да се појавиме, покажеме и самопотврдиме. Не, не е потребно да мафтаме со своите пасоши, доволно е само да го надминеме стравот и подоцна срамот на нашите предци од пројавата на себе сѝ. Другото е прашање на време.

Срамно е македонската политика да ја крие својата неспособност и династичките борби зад флоскулата “бугарски диктат“. Затоа ние и целиот народ, не треба да дозволиме да ја гледама нашата таковина како се јаде самата себе си! Бугарија секако ќе опстане, со нас или без нас, амa ние не треба да дозволиме да пропаднеме заедно со оваа корумпирана и недемократска држава!