Голем дел од граѓаните не се расположени за прифаќање на бугарските барања, особено оние што се однесуваат на јазичните и идентитетските прашања, дури и ако тоа би значело деблокирање на евроинтегративниот процес, покажува анализата на јавното мислење за македонскиот процес на пристапување кон ЕУ. Во исто време, власта го повтори ставот оти во интерес на земјава е детално да бидат дефинирани прашањата со Бугарија, со цел да нема нови блокади, додека германската амбасадорка Анке Холштајн подвлече дека ЕУ се држи кон она што го кажа во март 2020 година, односно за отпочнување пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија.

– Нашата цел е сите прашања за кои се разговара со Бугарија да ги ставиме во еден сеопфатен документ, за да нема нови барања по патот и да имаме писмени гаранции кои се наши обврски, а кои бугарски, изјави вчера вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ.

Според него, од интерес на земјата е детално да бидат дефинирани барањата и да бидат посведочени од ЕУ, за да може да ги имплементираме и кога ќе го завршиме тоа, да се тргне блокадата низ сите фази од преговорите.

Тој смета дека опозицијата треба да престане со барањето за избори и да се фокусира на важните прашања.

– Добро е опозицијата да го поддржи и да се вклучи во процесот, бидејќи што и да договориме со Бугарија ќе треба време за имплементација, тоа не се случува преку ноќ. Опозицијата треба да престане со опсесијата за избори и да се фокусира и изнесе став за важните прашања, порача Маричиќ.

Вицепремиерот посочи дека со Бугарија се разговара за повеќе важни теми и има повеќе барања, но барањето за менувањето на Уставот, вели, е најкомплицирано поради начинот на спроведување за што е потребна поголема поддршка во земјава.