Две сериозни сообраќајни несреќи со тешко повредени лица биле пријавени на 27 декември на различни локации во земјава, при што во двата случаи е утврдено присуство на алкохол кај возачите.
Првата несреќа се случила околу 10:25 часот на автопатот во изградба Охрид – Кичево, кај влезот за селото Требеништа, во општина Дебарца. Во судирот учествувале три возила – „рено меган“, „хјундаи“ и „рено канго“.
Во несреќата, тешки телесни повреди добил 59-годишен сопатник од возилото „хјундаи“, додека со телесни повреди се здобил и возачот на истото возило. Повредените биле пренесени во Специјалната болница Св. Еразмо во Охрид.
По извршениот увид, полицијата го лишила од слобода возачот на „рено меган“, откако било утврдено дека управувал возилото под дејство на алкохол. Кај него биле измерени 1,25 промили алкохол во крвта, а против него ќе следува кривична пријава по член 300 од Кривичниот законик.
Втората сообраќајна несреќа била пријавена во 18:48 часот на регионалниот пат во селото Кадрифаково, во светиниколскиот регион. Во судирот учествувале товарно возило „мерцедес“ и патничко возило „фолксваген голф“.
Тешки телесни повреди добил 44-годишниот возач на „голфот“, кој најпрво бил згрижен во Клиничка болница Штип, а поради сериозноста на повредите бил пренесен во Комплекс клиники Мајка Тереза во Скопје. Полицијата утврдила дека тој управувал возилото со 2,56 промили алкохол во крвта.
За двата настана бил извршен увид од надлежните полициски екипи, а истрагите за причините за несреќите продолжуваат.
Текстот Две сообраќајни несреќи: повредени лица, возачи под дејство на алкохол е превземен од МАКФАКС.























