Ивон Величковски

На 5-годишнината од членството во НАТО: Северна Македонија не е потписник на Меморандумот за воена соработка меѓу Хрватска, Косово и Албанија по избор на Скопје или поради недоверба од Загреб, Приштина и Тирана?

„Под радарот“ минуваат две прашања поврзани со геостратешкото позиционирање на Северна Македонија и нашиот национален одбранбен капацитет.

Хрватска, Косово и Албанија потпишаа Меморандум за воено-техничка соработка, кој подразбира особено образовна и техничка соработка како на ниво вооружените сили, така и на ниво на т.н. „наменска“ (читај: воена) индустрија.

Реакциите на српските власти се очекувани: наменети за домашна употреба, тие алудираа на загрозеност на нацијата. При несигурност на власта соочена со протести и поради дневно-политичкиот карактер – тие веќе се „стара вест“ во самата српска јавност.

Но индикативно е што политичко Скопје оваа вест „гласно“ ја одмолча.

Во отсуство на реакција од било која друга опозициска структура, затоа, денес е потребно да ги поставиме двете непријатни прашања:

– Северна Македонија не е дел од соработка со три сојузнички земји по владина одлука или

– Северна Македонија воопшто не била поканета да го потпише Меморандумот?

1. Ако сме биле поканети да остваруваме соработка согласно Меморандумот – зошто сме ја одбиле поканата непотпишувајќи го?

Има седумдесетина вакви регионални документи кои покрај воената компонента ја уредуваат и размената на информации, воено-техничката и образовната соработка. Од Хрватска до Турција и од Албанија до Романија, вклучително Србија, БиХ и Косово и Молдова иако не се членки на НАТО.

Ако сме биле поканети – по чие барање или во чиј интерес Северна Македонија останала по страна?

Имено, во таков случај Северна Македонија не води суверена одбранбена политика преточена во сојузничка низ членството во НАТО.

За да сфатиме дека ова не е само политичко, туку и економско и национално одбранбено прашање, да трнеме од фактот што ЕУ влегува во процес на зголемување на своите одбранбени капацитети и за таа намена одвојува околу 800 милијарди евра.

Еден ваков меморандум за Северна Македонија ќе беше можност за заеднички настап во изградба на свои капацитети за вооружување.

За илустрација: Косово во соработка со Турција цели на производство на дронови, Албанија на пазарот веќе исфрли свое оклопно возило за транспорт на армиски персонал.

Зарем Северна Македонија нема интерес и можност да учествува макар со една навртка во овие финални производи?

Или Скопје не ни помислува да се вклучи во овој индустриски сектор во кој денес не може да понуди целосен производ, но барем може да учествува во пазарната трка низ сојузничко и стратешко партнерство. Од оваа призма, логично следува прашањето: штити ли нашата Влада нечија наменска индустрија (вон НАТО)?

Меморандумот значи и можност за заедничко барање понуди за сопствено вооружување.

Три држави со заедничка нарачка на вкупна количина производ што потоа ќе се распореди според потребите на секој од нарачателите значи поповолна цена одошто секоја од нив да го нарачува одделно.

Цената за нарачка за четири држави ќе биде уште поповолна за секоја од нив, нели?

Имаме капацитети за учество во производството на воена опрема? Во земја-членка на НАТО, „МЗТ“, „Еурокомпозит“, „Сувенир“ не се на располагање за производство по стандарди на ЈНА.

Ова е првиот сет прашања за министерот за одбрана, премиерот и претседателот на Републиката.

2. Еднакво битно е прашањето – дали воопшто сме биле поканети кон Меморандумот?

Евентуалната незаинтересираност на трите потписнички кон Северна Македонија може да значи само дека на Скопје не му се верува дека е доследен сојузник во европскиот и северно-атланскиот концепт на одбрана.

Не само во Загреб, Приштина и Тирана, туку од Рига до Вашингтон и од Мадрид до Анкара. Со сите последици по националната одбрана, економија и безбедност.

Недовербата кон Северна Македонија во ваков домен значи дека се додека Скопје прифаќа да е јужен транзит на Бањалука и Белград – ќе ја плаќа поскапата цена на својата национална одбрана – ако воопшто и ја има.

Епизодата на вицепремиерот Стоиљковиќ, кој палеше свеќи на одбележувањето на НАТО-интервенцијата против режимот на Милошевиќ (којашто спречи етничко чистење на 500.000 косовски Албанци и нова „Сребреница“ на стотина километри од Скопје) – е очекувана за неговото проектирање во гувернер на Вучиќ во владата на БЈРМ.

Одбивањето на Мицкоски воопшто и да го коментира неговото присуство во Белград со Вучиќ и Додик, а не пак да предложи негова смена – би било сосем доволно објаснување зошто Загреб, Приштина и Тирана не би имале мотивација да го понудат Меморандумот до Скопје.

Но молкот на МНР и Муцински по обидот Амбасадата на Србија да држи лекции на министер во Владата на РСМ преку соопштение е показател за целокупната јавност дека ниту ВМРО-ДПМНЕ ниту ВЛЕН практично немаат самостојност во партиското и политичкото, загрозувајќи ја националната сувереност во владиното одлучување.

Молкот, пак, на собраниската „опозиција“ значи дека ова е споделен пристап на несувереност на Скопје кон Белград и Бањалука без оглед на тоа која партија ги пополнува канцелариите во триаголникот Собрание – Влада – Вила „Водно“.

Во такви околности, без оглед по кој повод и кога ќе бидат свикани, ни претстојат парламентарни избори со референдумско значење: кој е „За“ вториот дел од прашањето од 8 Септември 1991, а кој е „За“ независна држава Северна Македонија, полноправна членка на НАТО и ЕУ.

* Насловот е на редакцијата