Двајца мажи од Прилеп и еден од селото Ореше се сомничат дека со употреба на запалива течност намерно предизвикале пожар кој целосно уништил викенд куќа кај село Капиново, општина Чашка.
Како што соопшти Министерството за внатрешни работи, СВР Велес поднело кривична пријава до Основното јавно обвинителство против Ѓ.П. (56) од Ореше и двајцата прилепчани – С.М. (40) и Д.Д. (37), поради сомнение за сторено кривично дело „предизвикување општа опасност“.
Пожарот се случил на 10 мај 2025 година, околу 10:35 часот, кога било пријавено дека гори викенд куќа сопственост на 32-годишен жител на Скопје. Интервенирала екипа на Територијалната противпожарна единица од Велес и пожарот бил локализиран без повредени лица.
„По спроведена истрага, утврдено е дека тројцата осомничени дошле со возило со прилепски таблички, насилно влегле во објектот и подметнале пожар со запалива течност. Куќата била целосно уништена“, информираат од МВР.
Ѓ.П. и Д.Д. се лишени од слобода на 16 мај и се задржани во полициска станица, додека се преземаат мерки за лоцирање и приведување на С.М., кој сè уште е во бегство.