Квалитетот на студиските програми, рејтингот на универзитетите и студирањето на некој близок надвор од државата се причина 21 процент од матурантите од четири региони годинава да заминат на некој од факултетите во странство. Атрактивни дестинации за студирање се Словенија и Бугарија, покажуваат најновите истражувања на Правниот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип.
Универзитетскиот професор Страшко Стојановски во видео разговор во прес центарот на МИА во Штип, што во целост ќе биде објавен утре, вели дека ова истражување е дел од поголем проект, којшто заеднички го работат неколку професори и студенти. Истражувањата се со наслов „Млади миграции, образование“. Вакво истражување и анкета се направени и пред пет години што дозволува компорација на резулатите.
Стојановски посочува дека со овие истражувања може да се забележи дека интересот за студирање на средношколците надвор од државата е речиси дуплирано односно од 13 проценти пред пет години, сега процентот е зголемен на 21 процент.
-И можеме веќе да согледаме некои податоци и одредени тенденции иако премногу рано би рекол, бидејќи имаме само две вакви истражувања. Има уште едно истражување што се однесуваше на миграции што минатата година го презентиравме. Тоа се општи ставови на младите по однос на прашања на миграции, а ова истражување се однесуваше на образовна мотивација за миграција на младите во прв ред, и се однесуваше на матуранти односно на ученици во трета и четврта година во средните училишта. Од четири плански региони, најголем дел од училиштата беа опфатени. Значи тоа се дваесетина средни училишта од 13-14 градови во овие региони, почнувајќи од Североисточниот, Источниот, Југоисточниот и Повардарскиот плански регион, вели Стојановски.
Прашан кои се причините и зошто младите сакаат да студираат во толкав процент надвор од земјава, Стојановски посочува дека мотивацијата главно е поврзана со перспективи и со некакви економски критериуми, а тоа се повторува и од претходното истражување од минатата година.
Младите во анкетата велат дека економскиот фактор е клучен фактор за миграција и градење на професионалната кариера надвор од државата.