Германија со цел да го спречи новиот бран на зараза со коронавирус, поради повратниците од одмор од Балканот, го заостри режимот за влез во земјата со десетдневен задолжителен карантин и стратегија со направени „два теста” од 11 јануари.
Медиумите потсетуваат дека луѓето кои минатото лето се враќале од одмор од Балканот придонеле за пораст на бројот на заразени, а германскиот министер за здравство Јенс Шпан стравува од повторување на таквата ситуација поради божиќните и новогодишните празници.
Германскиот весник „Велт” пишува дека голем број граѓани се упатиле за време на божиќните и новогодишните празници кон балканските земји, наведувајќи дека преку границата со Србија, која се смета за транзитна, во деновите за Божик преминале околу 225.000 луѓе, од кои 120.000 продолжиле кон Косово и Северна Македонија.
– Според она што може да се забележи, сметам дека повторно голем број луѓе заминаа во своите земји во посета на семејствата во источна Европа, на Балканот и во Турција – истакна Шпан.
Од 11 јануари ќе биде воведена стратегија „два теста”, според која повратниците од ризичните региони ќе мораат веднаш по пристигнувањето во Германија да се тестираат, или да приложат тест не постар од 48 часа од земјата кадешто престојувале, но независно од тоа ќе мораат да бидат во карантин, кој ќе може да се прекине дури по пет дена изолација со нов негативен тест.
Од следната недела сите кои сакаат да влезат во Англија ќе мораат да имаат негативен тест на ковид-19, изјави денеска британскиот министер за транспорт Грант Шапс.
Тој нагласи дека патниците кои пристигнуваат со авион, воз или траект ќе мораат пред влез во земјата да покажат негативен тест не постар од 72 часа. Оние кои по пристигнувањето нема да имаат резултат од тестирање ќе треба веднаш да платат парична казна во износ од 500 фунти (550 евра). Исклучок се возачите на камиони, децата помлади од 11 години и патниците од Ирска.
Оваа одредба се однесува само за Англија, но слични мерки се очекуваат и за Велс, Шкотска и Северна Ирска.
Во Англија повторно во сила е „локдаун”, кој ќе трае до 31 март.