Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши ја поддржа и ја охрабри Комисијата за заштита на конкуренцијата, која поведе прекршочна постапка против четири големи синџир-маркети и против Сојузот на стопанските комори за договарање цени.

„Неколку синџир-маркети меѓусебно нелегално договарале цени и биле фатени од Комисијата за заштита на конкуренцијата. Комисијата спроведе ненајавен увид во четири големи трговски синџири и во една стопанска комора поради сомневање за нарушување на пазарната конкуренција. Увидот бил извршен врз основа на индиции дека овие субјекти го прекршиле членот 7 од Законот за заштита на конкуренцијата, кој забранува картели и усогласување, дејствување меѓу претпријатијата, со цел ограничување на конкуренцијата. Контролираните субјекти постапиле спротивно на законот и нормално дека Комисијата за заштита на конкуренцијата поведе прекршочна постапка и најави дека во наредниот период ќе преземе најригорозни мерки. Ја поддржувам оваа иницијатива и ја охрабрувам Комисијата да продолжи и понатаму да врши контроли на теренот во сите други синџир-маркети“, рече денес министерот Дурмиши.

Комисијата за заштита на конкуренцијата утврди дека четири големи синџир-маркети и Сојузот на стопанските комори на состанок на почетокот на февруари незаконски утврдиле дека нема да примаат нови ценовници од доставувачите до крајот на март.