Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши денеска оствари средба со амбасадорот на Република Франција во Република Северна Македонија, Сирил Бомгартнер, на која станало збор за соработката меѓу двете земји со акцент на економијата, како и за француската поддржа за нашата евроинтеграција.

-Министерот Дурмиши на средбата истакна дека економската соработка меѓу Македонија и Франција е одлична и интензивна, а поддршката која Франција ја дава на нашата земја е од големо значење за интеграцијата на земјата во евроатлантските структури, соопштија од Министерството за економија и труд.

Министерот и амбасадорот, се додава, се согласија дека постои желба и потенцијал меѓусебната соработка да се прошири во повеќе области, поконкретно во областа на инвестициите од страна на заинтересирани француски компании, ангажирање во изградба на капитални објекти во сферата на енергетиката и зголемување на бројот на туристи од Франција во нашата земја, и обратно.

Министерот Дурмиши, воедно, се заблагодари на амбасадорот за поддршка која Република Франција постојано ја дава на Република Северна Македонија, и особено на Министерството за економија и труд.

Амбасадорот Бомгартнер, пак, се заблагодари на министерот за средбата, ветувајќи дека поддршката на Франција за Северна Македонија како пријателска земја ќе продолжи и во иднина, стои во соопштението.