Минатата година не ја преживеале 6.857 компании, покажуваат податоците на БизнисМрежа.мк, со ажурирање до 17.1.2023 година. Ако се споредат овие податоци со 2021 година, тоа е речиси иста бројка. Во 2021 година згаснале 6.993 компании.
Ако се сумира 2022 година, и таа беше тешка за стопанствениците. Ги снема карантините од пандемијата, но светот влезе во голема економска криза, предизвикана од висока инфлација и од недостиг на енергенти, како последица на руско-украинската војна. Во 2021 година, по исклучително тешката 2020 година, Македонија оствари економски раст од 4 проценти и тоа беше најмал раст во регионот. За 2022 година, Државниот завод за статистика сѐ уште нема податоци за раст на БДП, но објавените податоци покажуваат дека во првиот квартал од 2022 година, во однос на првиот квартал од 2021 година, сме имале раст од 2,4 проценти, во вториот квартал раст од 2,8 проценти, а во третиот квартал раст од 2 проценти.
Државниот завод за статистика во анкетата за деловните тенденции, што ја направи со раководителите од преработувачката индустрија, информираше дека „оценката за економската состојба на деловните субјекти во декември 2022 година е понеповолна во однос на претходниот месец, а и во однос на декември 2021 година. Се очекува бројот на вработените да се намали“.
Последица на ваков економски амбиент е продолжување на истиот тренд од 2021 година за затворање компании, односно се урнаа очекувањата во пресрет на минатата година за подобра деловна клима, што ќе значеше и поголемо преживување на компаниите.
Целата анализа на следниот ЛИНК.