Откако израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вчера индиректно испрати порака до Турција, велејќи дека оние што сонуваат за обнова на империите нема да успеат, тој доби одговор од Анкара.
„Иронично е што израелските лидери зборуваат за империјалистичките амбиции на другите во овој регион, додека тие штотуку извршија еден од најлошите геноциди во историјата“, напиша Бурханетин Дуран, портпаролот на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, на мрежата Икс, пишуваат медиумите во регионот.
Тој додаде дека Израел е дестабилизирачка сила, „а нивната долгогодишна хистерија околу моќта и влијанието на Турција е едноставно комична. Под водство на претседателот Ердоган, Турција е извор на стабилност и мир. Спротивно на тоа, владата на Нетанјаху донесе крв и солзи во регионот“, рече тој.
Дуран го обвинува Израел дека „се обидува да ги прикрие своите територијални амбиции како барања за национална безбедност, бидејќи останува окупаторска сила во Палестина и Сирија“.
Тој вели дека „никаква евтина реторика и смешни изјави како оние на израелскиот премиер нема да ги одврати од поддршката на палестинските браќа и сестри“.
По падот на режимот на Асад во Сирија, Израел изрази длабока загриженост за зајакнувањето на Турција во земјата. Израел, исто така, остро се спротивстави на желбата на Турција да игра улога во Меѓународните сили за стабилизација што ќе бидат распоредени во Газа следната година.
Фото: депозитфотос
Текстот Дуран до Нетанјаху: За разлика од нас, вие носите крв и солзи во регионот е превземен од МАКФАКС.























