По повод големиот празник Курбан (Аџи) Бајрам, честитки до сите верници во регионот, иселениците од овој крај, како и до сите верници во светот упатија градоначалниците на Дебар, на Маврово и Ростуше и на Центар Жупа, како и претседателот на Сојузот на Македонците со исламска религија (СМИР).

– Да го славиме празникот Курбан бајрам уште многу години! Нека возвишениот Бог го прифати хаџот на сите аџии и молитвите на сите верници за благосостојба и подобар живот. Нека владее правдата, мирот и просперитетот насекаде во светот. Бог да ни ги омекне срцата за што повеќе да си простуваме, да прифаќаме грешки, да си помагаме еден на друг. Честит и за многу години празникот Курбан бајрам на сите верници во општината и нашите сограѓани во светот, посакува дебарскиот градоначалник Хекуран Дука.

Градоначалникот на општина Маврово и Ростуше, Медат Куртовски, посака овие бајрамски денови да ја „зацврстат верата, да ги зајакнат роднински врски, да ги подобрат меѓучовечки односи и да нè направат подобри верници“.

-На сите муслимани нека ни е честит овој голем празник. Нека овие бајрамски денови ја зацврстат нашата вера, ги зајакнат нашите роднински врски, ги подобрат нашите меѓучовечки односи и нè   направат подобри верници. Нека е честит овој голем празник! За многу години, стои во честитката на Куртовски.

Неговиот колега од Центар Жупа, Аријан Ибраим, празникот го честита со желби истиот да го обележат во радост и среќа, со топли чувства кои ќе го исполнат семејниот дом, но и со поголема меѓусебна грижа, почит, разбирање, помагање.

Честитка упати и претседателот на Сојузот на Македонците со исламска религија, Латиф Пајкоски, кој во свое и во име на Сојузот, посака „здравје, благостојба и бериќет, меѓусебно почитување и помагање“.

Инаку, во сите педесетина џамии во дебарското муфтиство, кое ги опфаќа општините Дебар, Центар Жупа и подрачјето на Река, општина Маврово и Ростуше, беа клањати утринскиот сабах и бајрам намаз, а главната празнична церемонија се одржа во  Саат-кула џамијата во Дебар (Хаџи Вехби Дибра).

Од дебарското муфтиство информираа дека 100 аџии од овој регион редовно ги извршуваат обврските од аџилакот и сите се во добра здравствена состојба.