Изјавата на потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ дека соработката на една албанска партија со ДУИ е политичко самоубиство не е ништо друго освен доказ за нивната опасна амбиција за инженеринг на албанската политичка сцена, со цел создавање на марионетска албанска структура под целосна контрола, и истовремено доказ за нивната омраза и одмазда кон ДУИ и Албанците – мотивирана од длабоки геополитички, антиевропски и шовинистички цели, велат од ДУИ.
„Зошто оваа омраза кон ДУИ и Албанците? Прво, затоа што ДУИ ја интегрираше државата во НАТО – чекор кој ги вознемири нивните руски спонзори и не дозволи државата да се приклучи во „српскиот свет“. Второ, затоа што ДУИ ја одржа европската перспектива на државата – што ги исплаши олигарсите кои се надеваа дека, држејќи ја државата надвор од ЕУ, ќе го задржат монополот врз нивните криминални приватизации. Трето, затоа што преку европската агенда, државата е ставена под строго набљудување преку Поглавјата 23 и 24, кои се однесуваат на владеењето на правото. Ова ги плаши корумпираните политичари кои очекуваа да продолжат со своите активности во мракот на правна неказнивост. Четврто, затоа што ДУИ го имплементираше Рамковниот договор, кој донесе еднаквост меѓу сите заедници – нешто што ги вознемирува националистичките кругови кои сонуваа за етничка надмоќ врз другите граѓани. Петто, поради амбицијата да се создаде марионетска албанска структура која ќе им служи на антиевропските, дискриминаторски политики на оваа антидржавна власт“, велат од ДУИ.
Според партијата, ова се вистинските причини за нивната фобија од ДУИ – затоа што ДУИ промовира држава на еднакви, го чува мултиетничкиот карактер, ги отвори евроатлантските порти и ја оддалечи земјата од авторитарните и антиевропските проекти.
„ВМРО-ДПМНЕ никогаш повеќе нема да одлучува за политичкото претставување на Албанците. Албанците ќе одлучуваат самите“, велат од ДУИ.